Засекогаш свој: Се простуваме од Иван Илиев

Почина Иван Илиев – прекрасен човек, духовит, креативен и еден од најинтересните и најнеобичните македонски фотографи. По потекло од Кочани, последниве години живееше во Сан Франциско, но неговите фотографии останаа тесно врзани за македонската реалност.

Иван беше редовен автор на порталот Окно, каде беа објавени многу негови фотографии, а во 2019 година беше дел од книгата „12 македонски фотограф(к)и“ на издавачката куќа Темплум. Во таа книга, тој раскажа: „Фотографијата за мене почна како експеримент. Нeкој ми даде стара камера и филм, а после почнав да собирам стари аналогни апарати од роднини и да сликам со нив. Еден магазин кој објавуваше слики од читатели објави моја фотка и некој ми рече дека имам око за фотографија. Тогаш бев тинејџер и тоа беше доволно да помислам дека ме бива за нешто.“

Љубопитноста брзо прераснала во сериозна страст, која Иван ја негувал цели две децении. Инспириран од советот на еден постар пријател – „не мора да сликам цело куче за да покажам дека тука има куче“ – Иван почнал да истражува како може да се раскаже приказна само со дел од реалноста. „Потоа открив дека можеш да поврзеш различни делови за да раскажеш сосема нова, твоја приказна, реалност, да, но низ твој ремикс, а со вкрстување елементи можеш и да наведуваш, манипулираш, а со тоа и да оставаш простор за различни толкувања или доживувања… Сите тие комбинации ми беа фасцинантни,“ запиша Иван.

Во чест на Иван Илиев, Окно објави избор од дваесетина негови фотографии.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни