Русија и Украина воспоставија прекин на огнот околу нуклеарката запорижја

По неколкунеделни ризици и прекин на струја, во зоната околу најголемата европска нуклеарна електрана е воспоставен привремен договор за безбедност и поправка

Околу нуклеарната електрана Запорижја, најголемата во Европа, Русија и Украина воспоставија специјални зони за прекин на огнот, со цел да се овозможат итни технички поправки и да се спречи можен нуклеарен инцидент.

Според извештаите на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), двете страни прифатиле привремена координација на теренот во соработка со експертите на агенцијата, поради сериозното оштетување на енергетската инфраструктура околу електраната.

Во изминатите четири недели, Запорижја беше без надворешно снабдување со електрична енергија, по што системот работеше само на дизел генератори, што го зголеми ризикот од хаварија и преоптоварување на безбедносните системи.

Украинските власти потврдија дека техничките екипи започнале со поправки на оштетениот далекувод, кој е клучен за стабилно приклучување на електраната кон националната мрежа. Министерството за енергетика соопшти дека обновувањето на снабдувањето е „прашање на часови, не на денови“.

Од руската страна, воени претставници потврдија дека привремениот прекин на огнот ќе остане на сила додека трае техничката интервенција, но предупредија дека ќе реагираат „ако се наруши безбедноста на теренот“.

Според IAEA, ова е редок момент на соработка помеѓу конфликтни страни, поттикнат од заеднички интерес – избегнување на катастрофа што би можела да има глобални последици. Доколку електраната останеше без стабилно снабдување, можно беше да дојде до сериозно оштетување на реакторите, контаминација на водата и широка радиоактивна закана.

Иако прекинот на огнот претставува важен чекор, ситуацијата во регионот останува крајно кревка. Нападите со дронови и артилериски оган продолжуваат во другите делови на јужна Украина, што укажува дека договорот за Запорижја е времен и условен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни