16 тима од 10 земји од четири континенти ќе играат во осминафиналето на реформираното клупско фудбалско Светско првенство (СП што се игра во САД. Најмногу претставници има Бразил, четири, по два имаат Англија, Италија и Германија, а по еден Португалија, Саудиска Арабија, Франција, САД, Шпанија и Мексико.
Прв финалист на СП 2025 ќе биде еден од првите осум осминафиналисти, Палмеирас, Ботафого, Бенфика, Челси, Интер, Флуминенсе, Манчестер сити или Ал Хилал, а втор ќе биде еден од вторите осум тима меѓу 16-те најдобри, Пари сен Жермен, Интер Мајами, Фламенго, Баерн, Реал Мадрид, Јувентус, Борусија Дортмунд или Монтереј. Според тој распоред, можни се финалиња на тимови од иста земја (од Бразил или од Италија), од ист континент (од Јужна Америка или од Европа), Бразил сигурно ќе има тим во четврт-финалето (во осминафиналето меѓу себе ќе играат Палмеирас и Ботафого)…
Првите осминафинални дуели се денеска, и тоа Палмеирас – Ботафого (од 18 часот) и Бенфика – Челси (22 ч.), а потоа се натпреварите Пари сен Жермен – Интер Мајами (утре, 18 ч.), Фламенго – Баерн (утре, 22 ч.), Интер Милано – Флуминенсе (понеделник, 21 ч.), Манчестер сити – Ал Хилал (вторник, 3 ч.), Реал Мадрид – Јувентус (вторник, 21 ч.) и Борусија Дортмунд – Монтереј (среда, 3 часот).
За пласманот во осминафиналето клубовите заработија по 7,5 милиони долари од наградниот фонд на Светската фудбалска федерација (ФИФА), тие што ќе играат во четврт-финалето ќе добијат по 13,125 милиони, полуфиналистите по 21 милион, финалистите по 30 милиони, а новиот светски клупски првак и дополнителни 10 милиони долари, пишува ФИФА.