Денес во 9 часот ќе започне големиот студентски протест во Ниш. За протестот пристигнаа неколку илјади студенти од различни краеви на Србија.
Во изминатите четири дена студените во колони поминаа стотици километри пешачејќи, трчајќи или возејќи велосипеди за да ја покажат својата храброст и одлучност во барањата кои ги поставија пред неколку месеци.
Денес собраните студенти заедно со граѓаните на Ниш ќе тргнат во протестна прошетка во 11:00 часот кон Плоштадот на кралот Милан, каде што во 11:52 ќе се оддаде почит на жртвите од трагедијата во Нови Сад.
Жителите на Ниш вчера им поставија црвен тепих на студенитие кои пристигнаа во нивниот град. Им поделија медали, дипломи и златни венци.
„Стоите тука како симбол на храброст, лојалност и племенитост. Вие сте олицетворение на борците за праведна земја. Слободата е во правдата, овде сте слободни“, пишува на капијата пред театарот низ која минале студентите на 28 февруари 2025.
Одделно беше организиран дочек за велосипедистите и тркачите, кои пристигнаа порано во текот на денот.
„Оваа борба ја започнавме сите заедно, во рамките на зградите на нашите факултети. Потоа ја изнесовме на улиците. Но вие сте тие кои направивте нашиот глас да се слушне во цела Србија“, изјави студентка од Ниш, која го прочита говорот со кој беа дочекани.
Студенитите денес уште еднаш ќе побараат да се утврди кривичната и политичката одговорност за несреќата во Нови Сад.
Блокадата на централните градски улици во Ниш ќе трае 18 часа.
Протестот ќе се одржи точно четири месеци по несреќата во Нови Сад, каде што на 1 ноември при падот на бетoнската надстрешница на реконструираната Железничка станица загинаа 15 лица и двајца се повредени.
Падот на надстрешницата предизвика бран на масовни протести низ Србија, кои во последните месеци ги предводат студентите во блокада Тие пред властите поставија четири барања.
Првото барање на студентите во блокада е објавување на целокупната документација за реконструкцијата на Железничката станица. Тие бараат и санкционирање на нападите врз учесниците на протестите во повеќе десетици инциденти кои се случиле по несреќата. Се бара и прекин на кривичните постапки против демонстрантите кои биле апсени од полицијата на протестите. Властите тврдат дека студентските барања се исполнети, но студентите и академската јавност ги отфрлаат тие тврдења и продолжуваат со блокадите.
Студентите во блокада досега организирале неколку масовни протести во најголемите градови на Србија. Меѓу тие протести се 15-часовната блокада во Крагуевац, 27-часовната блокада на Мостот слобода во Нови Сад, како и 24-часовната блокада на Автокоманда, белградскиот сообраќаен чвор.
Главната програма денес започнува во 12:07 часот и вклучува театарска претстава („Устав“ во 13:00), музички настапи (бендот „Мембрана Тимпани“ во 16:00 и „Бунт“ во 21:00), како и главниот настан „Точкест софтвер“ во 17:52.
Во 18:00 часот ќе следуваат говори, студентски перформанси и хорски настапи. Втора почит за жртвите е предвидена во 23:52, а на полноќ започнува акција за чистење на улиците.
Протестот официјално ќе заврши во 3:00 часот наутро.