Во Белград денес се одржуваат големи студентски протести – „15. за 15“. Протестите започнаа пред неколку месеци како реакција на трагедијата која се случи во Нови Сад на почетокот на ноември минатата година, кога загинаа 15 граѓани на Србија поради уривање на надстрешницата на Железничката станица.
Голем број на луѓе во моментов се наоѓаат во центарот на Белград, а студентите кои синоќа пристигнаа од разни правци во оваа српска престолнина на велосипеди, пешачејќи и со превоз, беа поздравени од бројни граѓани на Теразија. Иако студентите и останатите граѓани пристигнуваат во Белград од вчера, протестот официјално започна во 16 часот и станува збор за најголем собир во поновата историја на Србија.
Јавниот превоз во Белград беше прекинат нешто по 9:00 часот, како што беше соопштено, поради безбедносни причини.
„Мора да бидеме заедно, ова е народна борба и мора да ја вратиме државата на народот. Денес ја браниме честта и сè она што со години се обидувале да ни го украдат“, велат студентите.
Редарите на студентскиот протест ги повикаа граѓаните кои сè уште пристигнуваат на протестот да тргнат кон Славија, бидејќи до Плоштадот Никола Пашиќ не е можно да се пријде поради гужвата.
Медиумите во Србија јавуваат дека Теразии веќе се преплавени со луѓе кои се упатуваат на протест пред Парламентот. Групи луѓе сè уште пристигнуваат од Нов Белград преку Бранковиот мост и Зелениот венец кон Парламентот.