Полициски службеници на ОВР Кавадарци, во координација со Единицата за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактивен материјал при Одделот за криминалистичка полиција, на 24 декември 2025 година во 08:35 часот, лишиле од слобода две лица на наплатната станица Градско.
Станува збор за Н.Р. (41) и И.Р. (41), двајцата од Скопје. При контрола на товарно возило „Пежо боксер“ со струшки регистарски ознаки, управувано од Н.Р., а во кое сопатник бил И.Р. — полициски службеник во Полициската станица Бит Пазар, била пронајдена и одземена поголема количина пиротехнички средства.
Според полицијата, лицата не поседувале никаква документација за пиротехниката, а изјавиле дека таа припаѓа на правно лице од Скопје.
Во продолжение на оперативните активности, пред магацин на истото правно лице било пронајдено уште едно товарно возило натоварено со пиротехнички средства, кое било оставено и напуштено.
Со судска наредба, денеска е извршен претрес во магацините на правното лице, при што биле пронајдени и одземени над 25 тони пиротехнички средства.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека Единицата за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактивен материјал, во координација со ОВР Кавадарци, продолжува со преземање мерки за утврдување на сите инволвирани лица.
По комплетирање на документацијата, ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по член 396 став 7 од Кривичниот законик, кој се однесува на недозволена трговија со опасни материи.