Нацрт-измените на Законот за занаетчиство, кои Министерството за економија ги пушти во јавна расправа кон крајот на јануари, им дадоа надеж на малите занаетчии дека повторно ќе можат да работат во недела. Сепак, министерот за економија Анте Шушњар јасно стави до знаење дека такво решение не е на маса.
Тој порача дека Хрватска е „доминантно католичка земја“ и дека неделата служи за „светкување на денот Господов и за време поминато со семејството“, што предизвика остри реакции од претприемачките здруженија.
Надеж за семејните занаети
Во документот од е-консултацијата се предлага воведување институт „семеен занает“, кој би бил изземен од ограничувањата за неделна работа и неделното работно време. Занаетчиите во тоа видоа можност да се укине забраната за работа во недела –ден кој за многумина носи најголем промет.
Меѓу нив е и Анастасија Маслова, која по почетокот на војната во Украина се преселила во Хрватска и отворила цвеќарница. Таа вели дека забраната ѝ создава конкретни деловни загуби, бидејќи неделата е клучен ден за продажба на цвеќе.
„Губиме пари затоа што не работиме во недела. Тоа се осум часа во кои би можела да заработам“, изјави таа.
„Нема проблем, приходот ќе се прелее“
Министерот Шушњар, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека измените на законот не одат во насока на дозволување неделна работа. Според него, приходот што би се остварил во недела „едноставно ќе се прелее“ во останатите денови од неделата.
Стручната јавност против ограничувањата
Хрватската занаетчиска комора (HOK) се залага семејните занаети – како пекарници, мини-продавници, месарници и сувенирници – да бидат изземени од забраната. Според претставниците на комората, ограничувањето директно го загрозува нивното работење.
Од здружението „Глас на претприемачите“ исто така сметаат дека забраната донела повеќе штета отколку корист и бараат повторно отворање на темата со министерството.
Критики за мешање на вера и политика
Новинари и дел од јавноста потсетуваат дека Хрватска е секуларна држава и оценуваат дека аргументите засновани на верски причини се несоодветни во креирањето економски политики.
Претприемачите нагласуваат дека станува збор за ограничување на можноста за раст и дополнителна заработка, додавајќи дека заштитата на работничките права не треба да значи ограничување на претприемничката слобода.
