Закани за поставени бомби во училиштата во Република Српска

Во Македонија од октомври 2022 година до март 2023 година, според МВР, се регистрирани над 900-тини лажни дојави за бомби

Утринава неколку училишта во Бања Лука, Добој и во Зворник добиле е-маил со предупредување за поставени бомби.

Во училиштето „Иван Горан Ковачиќ“ во Бања Лука утрово родителите биле известени да не ги носат децата на училиште поради дојава за бомба, а полицијата е на терен и врши увид. Во близина на ова училиште се наоѓа и градинката „Колибри“, која исто така утрово била затворена. Како што пренесуваат локалните медиуми, исти известувања стигнале и до други основни училишта, како и до некои средни училишта.

Утринава биле евакуирани и учениците и наставниците од основните училишта „Свети Сава“ во Зворник и „Јован Цвијиќ“ во Дрињача. И таму, на електронската пошта на училиштата стигнало предупредување за поставени експлозивни направи, велат од полицијата во Зворник.

„Во реонот на Добој, седум основни училишта утринава добија дојава за подметнат експлозив“, вели Љубиша Благојевиќ, претседател на здружението на директорите на основните училишта во регионот Добој.

И Македонија неодамна се соочуваше со бројни дојави за поставени бомби во училиштата. Во периодот од октомври 2022 година до март 2023 година, според податоците на МВР, се регистрирани над 900-тини лажни дојави за бомби, од кои 876 биле во основни и во средни училишта. Најмногу предупредувања преку електронската пошта стигнале во училиштата во Скопје – 836, потоа во Куманово -25, Прилеп – 17 и во Битола – 12. Во сите случаи учениците и вработените беа навремено евакуирани, а по проверките на полицијата се утврди дека дојавите се лажни.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни