Според информации на Bloomberg, минатата недела во францускиот град Тулон се одржал состанок меѓу германски и француски претставници, на кој била тема руската воена концентрација кај градот Покровск во Донецката област – стратешка точка која Русија се обидува да ја заземе повеќе од една година.
Претседателот Зеленски предупреди дека Русија има распоредено над 100.000 војници во таа зона. Доколку Покровск падне, би се отворил патот за напади врз поголемите градови Краматорск и Славјанск.
На денешниот собир во Париз, познат како „Коалиција на подготвените“, се очекува дискусија за деталите на европските безбедносни гаранции за Украина. Ќе учествуваат и претставници на САД, вклучувајќи го и специјалниот пратеник Стив Виткоф, додека неколку лидери, меѓу кои и британскиот и германскиот, ќе се приклучат преку видеоврска.
Сојузниците сакаат посилна заложба од Вашингтон, особено во однос на санкции и поддршка за Украина, имајќи предвид дека американскиот претседател Доналд Трамп, и покрај скорашната средба со Путин на Алјаска, сѐ уште не спровел нови санкции против Москва.
И покрај дипломатските напори, Москва не покажува подготвеност за прекин на огнот. Од мај до август, Русија освои само 0,3% нова територија во Украина, но жртвите растат. Според податоци на ОН, јули бил најсмртоносен месец за украинските цивили од мај 2022 година – со 589 загинати и 1.152 повредени.
Последниот масовен напад врз Киев, на 28 август, резултираше со најмалку 25 загинати.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Европа е подготвена да обезбеди безбедносни гаранции за Украина, а германскиот канцелар Фридрих Мерц нагласи дека најсилна гаранција е силна украинска армија.
Иако идејата за евентуално испраќање странски војници по војната предизвикува поделби меѓу сојузниците, Мерц изјави дека тоа би се разгледувало само по постигнување прекин на огнот. „Украина мора да биде способна за долгорочна одбрана, и ние сакаме да ѝ помогнеме во тоа – сега и во иднина“, додаде тој.
Извор: Index.hr
.