Загинатите работници во Бангладеш биле заклучени

Отровен гас и заклучени врати на покривот на зградата биле причината за смртта на поголемиот дел од најмалку 16 лица кои го загубија животот во разорниот пожар што избувна во фабрика за облека и соседен магацин со хемикалии во Дака, соопшти денеска претставник на противпожарната служба.

„Жртвите не успеале да избегаат затоа што вратата што водела кон покривот била заклучена“, изјави службеникот на противпожарната служба Талха бин Засим, додавајќи дека повеќето од загинатите се задушиле од вдишување на отровен гас.

Пожарот бил локализиран дури во средата попладне по локално време, речиси 27 часа по неговото избувнување, поради бавното напредување на операцијата, отежнато од густ чад и хемиски испарувања.

Бангладеш е втор најголем извозник на текстил во светот, веднаш по Кина, со годишна заработка од речиси 40 милијарди долари, главно од пазарите во САД и Европа. Текстилната индустрија вработува повеќе од 4 милиони луѓе, најчесто жени, во околу 4.000 фабрики.

Индустријата долго време е под критики поради лоши услови за безбедност при работа и чести индустриски несреќи. Најтешката индустриска катастрофа во земјата се случи во 2013 година, кога се урна осумкатната зграда Rana Plaza, при што загинаа повеќе од 1.100 луѓе, најголем дел од нив текстилни работници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни