Европска агенција предупредува: Загадувањето може да предизвика депресија и анксиозност

Европската агенција за животна средина предупредува дека загадувањето на воздухот, бучавата и токсичните хемикалии значително го зголемуваат ризикот од ментални нарушувања.

Изложеноста на загадување (особено на загаден воздух, бучава од сообраќај и токсични хемикалии) сè повеќе се поврзува со зголемен ризик од проблеми со менталното здравје, предупредува Европската агенција за животна средина (EEA).

Според агенцијата, потребни се „итни и драстични мерки“ за намалување на загадувањето, бидејќи дури и умерено намалување може значително да го подобри менталното здравје на населението.

Менталното здравје е резултат на повеќе фактори (генетски предиспозиции, социјални и економски услови, психолошки и животни навики) но научните истражувања сè почесто го посочуваат загадувањето како фактор што може да ги влоши симптомите или да придонесе за појава на ментални нарушувања.

Загадениот воздух влијае врз мозокот

Истражувањата покажуваат дека изложеноста на загаден воздух уште во текот на бременоста, детството и раната адолесценција може да доведе до структурни и функционални промени во мозокот.

Европската агенција посочува дека повеќе научни анализи утврдиле силна врска меѓу долготрајната изложеност на лош квалитет на воздухот и депресијата.

Најсилните докази се поврзани со фините честички PM2.5 и азот диоксидот (NO2).

Некои истражувања покажуваат дека периодите со високо ниво на загадување се поврзани и со поголема појава на депресија, додека краткотрајните пикови на загадување може да ги влошат симптомите кај лица со шизофренија.

Бучавата од сообраќајот како фактор за стрес

Европската агенција предупредува дека долготрајната изложеност на бучава од патен сообраќај, железница и авионски сообраќај може да го активира стресниот одговор на организмот.

Ова доведува до зголемено воспаление и оксидативен стрес, што може дополнително да го влоши менталното здравје.

Истражувањата покажуваат дека секое зголемување на бучавата за 10 децибели носи мал, но мерлив пораст на ризикот од депресија и анксиозност.

Особено силна врска е забележана кај бучавата од авиони, каде ризикот од депресија може да се зголеми за околу 12% за секои 10 децибели.

Токсични хемикалии и ментално здравје

Дури и мали количества од одредени хемикалии можат да имаат негативно влијание врз здравјето, вклучително и врз менталното здравје.

Европската агенција анализирала истражувања поврзани со тешки метали, пасивно пушење, пестициди и хемикалии што го нарушуваат хормоналниот систем.

Најконзистентни докази постојат за оловото и пасивното пушење, кои се поврзуваат со депресија и шизофренија, особено кога изложеноста се случува во текот на бременоста или детството.

Изложеноста на пестициди исто така се поврзува со депресија, анксиозност и шизофренија.

Менталното здравје во Европа

Според податоците на Светската здравствена организација, секој шести човек во Европа живее со некакво ментално нарушување, а секој трет од нив не добива соодветен третман.

Во Европската Унија во 2023 година повеќе од 11 милиони години живот со попреченост се поврзани со ментални нарушувања, а се очекува овој број да продолжи да расте – особено меѓу младите и ранливите групи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни