Во Санкт Петербург, стотици млади луѓе се собраа на централниот плоштад и ја запеаја забранетата песна на проукраинскиот музичар Noize MC – чин што се смета за директен симбол на отпор против режимот на Владимир Путин и против официјалната руска цензура.
Настанот се случи во услови на засилена контрола на јавното изразување. Песната, која отворено го осудува авторитаризмот и војната во Украина, беше прогласена за „екстремистичка содржина“ од судот во Санкт Петербург, со образложение дека „поттикнува насилна промена на уставниот поредок“ и е „штетна за малолетници“.
Собраните млади ја пееја песната во еден глас, повторувајќи стихови како повик за слобода и одговорност, а неколку видеа од настанот брзо се проширија на социјалните мрежи, иако руските власти ги блокираа поголем дел од објавите.
Авторот на песната, Иван Алексеев, познат под уметничкото име Noize MC, живее во егзил во Литванија од 2022 година, откако беше означен како „странски агент“. Неговиот бунтовнички стил и критички текстови го направија глас на младата генерација што ја отфрла државната пропаганда и официјалниот наратив за „патриотизам“.
И покрај ризикот од апсење, за многу млади Руси, јавната изведба на забранети песни стана единствен облик на отпор и колективна храброст. Според независни извори, до сега не се евидентирани приведувања поради овој настан, но државните медиуми бараат „санкции за организаторите“.