Едно чувтство се издвојува кога се зборува за помладата генерација: „кринџ“. Генерацијата Зед, оние кои се родени при крајот на 1990-тите и почетокот на 2010-тите, често се поврзуваат со овој термин, но што тоа навистина значи, и зошто е дефинирачки аспект на нивната култура?
„Кринџ “ или затреперување/наежување во буквален превод, е збор што носи конотација на срам или непријатност, често предизвикано од сведочењето дека некој прави или кажува нешто што се смета за непријатно. Со други зборови, појела ме туџа срамота. Се користи за опишување низа ситуации, од гледање како некој неталентиран изведува танцова точка, комплетно самоуверен и неироничен во својата изведба, до просто гледање како некој претерано експресивно изразува силна страст за нешто. Иако самиот термин не е уникатен за gen Z, начинот на кој тие сочуствуваат со него сигурно е.
До некаде, концептот на „кринџање“ е форма на самополициско работење во заедницата на gen Z. Со постојаната изложеност на социјалните медиуми и меѓусебно поврзаниот свет, оваа генерација развива силно чувство за самосвест. Навикнати сме да се чувствуваме како секој наш чекор и постапка да е на излог пред глобалната публика која е повикана да каже како се чувствува за она што го гледа. Во заштита, развиваме хиперсвесност за своето постоење и секој сопствен чекор го анализираме низ призмата како другите би го доживеале кога би гледале од страна. Тоа е нашата стратегија за преживување во ерата на прекумерно споделување.
Еден од клучните аспекти на кринџот е прифаќањето на иронијата и цинизмот на gen Z. Иронијата е камен-темелник на интернет културата, а gen Z ја носи во нови височини. Тие често иронично и со доза на исмејување „имитираат“ однесувања или интереси кои доколку би биле правени сериозно, би биле кринџ. На пример, гледање непријатни реклами од 80-тите, или намерно создавање „лоша“ уметност за да уживаат во нејзината незгодност. Овој ироничен пристап се протега и кон модата. Gen Z често ги имитира и реактуелизира стиловите и естетиката на облека што некогаш се сметала за застарена,„некул“ или кич. Тенденциозно и цинично рекреирање на она кое се исмејува е начинот на кој gen z го изразува својот став.
Но има ли нешто подлабоко во игра овде? Може ли феноменот на „кринџ“ да биде израз на копнежот на една генерација да биде автентична во сè покуриран свет? Во ера во која профилите на социјалните мрежи се внимателно креирани за да претстават лажни совршени верзии од нас самите, прифаќањето на незгодното и некултурното е начин на бунтување против фасадата и перфидното. Кринџот е одраз на уникатното место на генерацијата Зет во историјата. Тие го живеат светот во кој границите меѓу личното и јавното се нејасни како никогаш досега. Ги истражуваат своите идентитети во средина која истовремено ослободува и заробува. Растргнати меѓу самосвеста, цинизмот и автентичноста, се создаваме себе и поп-културата на 2020тите.