Сите сме свесни за лошата страна на социјалните мрежи, особено тикток. Разговарано и елаборирано на долго и широко за сите негативни последици со кои се соочуваме заради влијанието на оваа апликација, сепак нејзината популарност само се зголемува од ден за ден. Како што дождот не успеавме да го спречиме со танцови обреди, тешко ќе успееме со памфлети и конференции да го спречиме подемот на тикток. Трендови постоеле и ќе постојат, и ќе се движат во својата природна траекторија на подем и природен пад, како што просведочивме и со Фејсбук, Тамблр, Мајспејс итн. Поседувајќи го знаењето за сите можни негативни последици од апликацијата, тоа што можеме да го направиме е свесно да се заштитиме од истите да не допрат до нас, и во меѓувреме да ја искористиме на најдобар начин. Ретко е нешто само добро, или само лошо, па затоа би сакала да се осврнам на доброто кое тикток ни го донесе.
Со почетокот на ковид-19 пандемијата, ТикТок брзо стана една од најпопуларните социјални мрежи во светов која во моментов брои над милијарда и пол активни корисници. Во многу ситуации до сега се покажа како моќна алатка за општествен активизам, едукација, лесен пристап до информации и глобална солидарност.
За време на ковид пандемијата тикток служеше како платформа за брз и ажуриран пристап до информации за справување и заштита од вирусот, извор на забава и насмевка во моменти кога цел свет беше затворен дома, па и не ни преостануваше многу избор освен брз излез од реалноста со која никој не знаеше да се справи. Секако не сите информации кои ни се пласираат се точни, како и на било која друга мрежа, но како рационални битија ние ја сносиме одговорноста да го провериме она што ни се нуди.
Мрежата се почесто служи како канал за брзо глобално спроведување на информации до младите, обединувајќи ги во солидарност за многу важни општествени и политички теми кои инаку не би стигнале до нас. Со оглед на тоа дека младите веќе не гледаат или читаат вести и скоро комплетно се отуѓуваат од традиционалните медуми, во времиња на криза, како што беше земјотресот во Турција и Сирија, тикток помогна во подигање на свеста за таквите случувања и ефективна организација за собирање средства и донации за погодените. Слично, многу корисници на тикток од земји зафатени со војна во моментов ја користат мрежата како единствен начин нивниот глас да допре до светот и да го раскажат своето искуство.
Глобален проблем со кој младите со соочуваат е чувството дека нивниот глас не е чуен во обликување на светот, односно дека ние не поседуваме позиција на масата на која се носат одлуки, било на локално или државно ниво. Заради ова имаме перцепција дека младите се апатични. Се поретко сме мотивирани да гласаме на избори, да учествуваме во формалните тела и структури, да го огласиме своето мислење јавно под страв дека ке бидеме искористени само како токени во нечија туѓа борба, без вистнски нашиот глас да биде земен во обзир. Но можеби само на грешно место ја бараме борбеноста на младите, и структурите комплетно запоседнати од возрасни не истуркаа на друг фронт, тикток. Преку демонизирање на платформата и етикетирајќи ја исклучиво како лоша, мижиме пред фактот дека на младите ја користат како простор каде ќе се чувствуваат чуени и повикуваат на адресирање на она што сметаме дека е лошо и во потреба од промена. Едно истражување (Not waiting on the world to change) најде дека 57% од испитаниците на возраст од 13 до 39 години веруваат дека имаат моќ да променат нешто во реалниот свет ако направат доволно врева онлајн. За споредба, од најскорешното истражување за социо-политичкото учество на младите во нашата држава, 80% се изјасниле дека не веруваат дека преку формалните механизми би можеле да влијаат врз одлуките кои се донесуваат во нашата држава. Ова ни зборува дека гласот на младите го бараме на погрешно место. За ова зборува фактот дека сите големи активистички движења во кои учествуваат млади се токму покренати и повикани преку социјалните мрежи. Такви се black lives matter, me too двжењето, петоци за иднината итн. На локално ниво, протестите за спас на МКЦ, протестите за повикување на институциите во случајот јавна соба и уште бројни други случаи се исто така започнати на социјални мрежи.
Покрај ова, во време на излудено конзумеристичко општество во кое големите компании го земаат целиот профит, тикток и останатите социјални мрежи им овозможија простор на малите и локални продавници и локали да го покажат своето и да се пласираат на пазарот. Истото важи и за доста талентирани млади уметници кои не потекнуваат од веќе позиционирано семејство на сцената. Со чест на исклучоци, до сега сцената беше резервирана за децата на непотизмот и големите продукциски компании кои одлучуваа кој ќе истапи следен. Сега гледаме промена во динамиката на моќ каде младите врз основа на својата процена ја донесуваат одлуката што ќе стане популарно и вирално, нудејќи шанса на било кој човек од овој свет да допре до славата која до сега беше далечна и мистична.
Тикток се почесто служи како платформа за сериозна феминистичка артикулација на ставови и искуства на девојки и жени низ светот кои се често запоставени и игнорирани од формалните механизми на заштита и повикуваат на ослободување. Истото важи и за останати маргинализирани заедници како лгбти+ заедницата, лицата со попреченост, и сл. да го споделат своето искуство, при што помагаат на многу млади луѓе да се пронајдат и да не се чувствуваат сами во својата борба доколку и тие самите поминуваат низ истото, или пак да го очовечат искуството до оние кои не го почувствувале и да разбудат емпатија.
За крај, ако ништо друго, барем не’ смее. Сето ова не ги негира негативните страни, но додека дождот врне се’ што ни преостанува е да го искористиме она што ни го дава, и да поуживаме додека не заврне наредниот.