За идните членки на ЕУ можно е да има пробен период со можност за исклучување

Голем дел од таа претпазливост произлегува од искуството на ЕУ со унгарскиот премиер Орбан, кој постојано ги ублажуваше санкциите кон Русија

Еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека новите членки на ЕУ би можеле да бидат ставени на „пробен период“ за да се спречи да се однесуваат како тројански коњ на Русија по пристапувањето во ЕУ.

Кос за денешниот „Фајненшл тајмс“ изјави дека, според предлогот, кој треба да ги смири стравувањата дека новите членки би можеле да ја имитираат Унгарија, тие би можеле да бидат ставени на „пробен период“ од неколку години и исклучени од Унијата во случај на назадување во областа на демократијата.

„Фајненшл тајмс“ пишува дека Европската комисија, охрабрена од руската инвазија на Украина и желбата да ги вклучи преостанатите земји од Западен Балкан во европските рамки, го обновила процесот на проширување кој бил замрзнат повеќе од една деценија, но дека многу членки стравуваат дека Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан, по пристапувањето, би можеле да ги прекршат правилата на Унијата за демократија, слобода на медиумите и независност на судството и во тој процес да се поврзат со Русија.

„Не сакам да ме паметат како комесарот кој воведе тројански коњи во Унијата кои ќе станат активни за пет, десет или петнаесет години“, изјави Кос за „Фајненшл тајмс“.

Таа додаде дека Комисијата развива идеи како што се „транзициски период, еден вид пробен период, заштитни механизми“, но дека тие сè уште се во рана фаза.

„Ни е потребна оваа дискусија и не треба да се плашиме од неа“, рече таа. FT исто така наведува дека Марта Кос признала дека, и покрај напредокот во процесот на пристапување, некои земји-членки се многу повнимателни во приватните дискусии кога станува збор за прием на нови членки отколку што би сугерирале нивните јавни изјави за поддршка.

Голем дел од таа претпазливост произлегува од искуството на Унијата со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој постојано ги ублажуваше санкциите кон Русија, се спротивставуваше на каква било воена помош за Украина и стануваше сè поавторитарен дома, и покрај обидите на Брисел да изврши притисок со задржување на средствата од ЕУ, додаде весникот.

Кос изјави дека Комисијата работи на предлози што би вклучиле посилни механизми за заштита на владеењето на правото и поефикасни процедури за суспендирање на права или бенефиции во случај на повреда на фундаменталните вредности.

Во случај на повторени прекршувања, земјата би можела дури и да биде исклучена од Унијата, додаде таа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни