За една деценија постоење независната музичка издавачка куќа Шарла Рекордс во својата професионална карта веќе бележи околу 100 изданија. Потенцираат дека со особено задоволство и чест стојат зад секој успех кој почнале да го градат во една пријатна есенска вечер во 2013 година.
„Години на силен ентузијазам, многу страст и без компромиси со основачката идеја да поддржуваме млади автори со храбар и прогресивен музички дух и израз. Токму таа искреност ни се врати со широко регионално признавање, поткрепено со многу позитивни рецензии на разни музички портали и магазини, а наши изданија се завртеа и на некои од најрелевантните светски радио станици кои третираат алтернативна музика“, велат од Шарла Рекордс.
За јубилејниот роденден најавуваат низа настани, концерти и промоции. Десетката ќе ја заокружат под мотото: Шарла – 10 лета околу. Покрај тоа најавуваат и дека во подготовка е книга со текстови посветени на нивните изданија, своевидна роденденска компилација, како и многу нови албуми.

Роденденската магија ја стартуваат в петок на 23 јуни, во 21 часот, во преубавата летна тераса на кафе-книжарницата Буква каде ќе настапи младата и супер талентирана кантавторка Димитра.
„Димитра неодамна го издаде својот трет албум за Шарла насловен како ,,Работ на акција” со кој повторно ги освои симпатиите на домашната и регионалната јавност. Се работи за повеќе од достоен наследник на извонредниот Мак мрак од 2020 година, албум со кој Димитра се најде во најтесните избори за албуми на година на регионалните листи оставајќи зад себе некои легендарни имиња на музичката сцена од некогашна Југославија“, додаваат од независната музичка издавачка куќа.