„Yellow Letters“ со Златна мечка: Политички пораки го одбележаа 76. Берлинале

Филмот „Yellow Letters“ на Илкер Чатак ја доби Златната мечка на 76. Берлинале, фестивал обележан со силни политички пораки и дебати.

Со доделувањето на наградите заврши 76. издание на Berlin International Film Festival, кое годинава мина во знакот на силни политички пораки и општествени дебати. Во главната конкуренција се натпреваруваа 22 филма, а жирито ги додели престижните Златни и Сребрени мечки.

Златната мечка за најдобар филм ја освои „Yellow Letters“ на германскиот режисер İlker Çatak. Филмот ја следи приказната за турски режисер и неговата сопруга, актерка, на кои поради нивните политички ставови им е забранета работа, по што започнува нивната борба со цензурата и системот. Чатак во својот говор истакна дека филмот сам по себе ја носи пораката и им оддаде признание на соработниците, нагласувајќи дека тие се вистинските херои на наградата.

Сребрената мечка за најдобра актерска изведба ѝ припадна на Sandra Hüller за улогата во филмот „Rose“, режиран од австрискиот автор Markus Schleinzer. Актерката потсети дека првпат присуствувала на фестивалот пред две децении и дека тоа искуство ѝ останало длабоко врежано во сеќавање.

Фестивалот беше проследен и со полемики поврзани со војната во Газа и односот меѓу политиката и уметноста. Сириско-палестинскиот режисер Abdallah Al-Khatib, добитник на награда за најдобар дебитантски филм, ја искористи сцената за да испрати силна политичка порака и да повика на слобода и солидарност.

И покрај поделените реакции, 76. Берлинале беше затворено со порака дека филмот останува простор на уметничка слобода и отворена општествена дебата, потсетувајќи дека уметноста не може да се одвои од реалноста во која настанува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни