Секторот за патувања и туризам во Европскатаунија (ЕУ) ќе продолжи да расте силно и до 2035 година и ќе создаде 4,5 милиони нови работни места, со што вкупниот број ќе надмине 30 милиони, а ќе се зголеми и придонесот на овој сектор во БДП на ЕУ, според новите прогнози на Светскиот совет за патувања и туризам (WTTC).
Според WTTC, овој сектор ќе поддржува едно од секои седум работни места низ целата ЕУ во следната деценија, зајакнувајќи ја својата витална економска и општествена улога и станувајќи една од стратешки најважните индустрии во ЕУ.
Прогнозите на WTTC покажуваат дека придонесот на патувањата и туризмот во БДП ќе порасне на речиси 2,3 билиони евра, со зголемување на економското учество на скоро 11 проценти во следните десет години, со годишна стапка на раст што ќе го надмине растот на целокупната економија на ЕУ, пишува Хина.
Секторот ќе придонесе и со над 900 милијарди евра годишно кон владите на ЕУ преку даночни приходи, со очекување дека во следните десет години трошоците на меѓународните посетители во ЕУ ќе достигнат 730 милијарди евра, а домашната потрошувачка ќе надмине 1,2 билиони евра.
Очекуван раст во 2025 година
Освен за следната деценија, WTTC предвидува раст и во 2025 година за индустријата за патувања и туризам во ЕУ, на речиси 1,9 билиони евра во БДП, што претставува 10,5 проценти од економијата на ЕУ.
Се очекува и раст на вработеноста на речиси 26 милиони работни места, што би значело дека оваа индустрија ќе сочинува 12 проценти од сите работни места во ЕУ, што WTTC го смета за јасен знак за растечкото влијание на овој сектор, пренесува Фена.
Трошоците на меѓународните посетители оваа година во ЕУ, според WTTC, ќе пораснат на 573 милијарди евра, или за повеќе од 11 проценти во однос на претходната година, а домашната туристичка потрошувачка може да порасне за 1,6 проценти, на околу 1,1 билион евра.
WTTC ги претстави овие прогнози, врз основа на своето истражување за економското влијание на секторот за патувања и туризам во ЕУ, оваа недела и на состанокот во Брисел, поздравувајќи го и именувањето на европскиот комесар за одржлив транспорт и туризам Апостолос Цицикостас како “важен момент” за ЕУ и овој сектор.
Ова сигнализира обновен фокус на секторот што ги поддржува животите на милиони ширум континентот и игра клучна улога во поттикнување на економскиот раст, инклузивноста и иновациите, оцени WTTC, потенцирајќи ја и важноста на најавата на комесарот за изработка на Стратегија за одржлив туризам на ЕУ.
„Секторот за патувања и туризам во ЕУ продолжува да покажува отпорност, поттикнува вработување, иновации и регионален раст. Следната деценија е можност за градење на поврзан и одржлив туризам, зајакнување на отпорноста во веќе воспоставените туристички дестинации и отворање нови низ Европа, а именувањето на комесар со посебен мандат за туризам е силен сигнал дека ЕУ ја препознава моќта на секторот и ги поддржува заедниците во неговиот развој“, коментираше претседателката и главна извршна директорка на WTTC, Џулија Симпсон.
Им порача на владите во ЕУ да „ја искористат моменталната можност“ и да го поддржат секторот со јасни рамки и инвестиции, прифаќајќи управување со дестинациите што ќе обезбеди растот на туризмот да донесе корист и за луѓето и за планетата.
Таа најави и дека WTTC ќе организира глобален самит во септември оваа година во Рим со светски лидери од секторот за патувања и туризам, што дополнително ќе ја потврди важноста на ЕУ за глобалната агенда за патувања и туризам.Во своите извештаи, WTTC се осврна и на минатата 2024 година, во која секторот за патувања и туризам придонесе со речиси 1,8 билиони евра во БДП на ЕУ, што е над 10 проценти од економијата.
Со тоа е надминато нивото од 2019 година за речиси 6 проценти.
Бројот на работни места се зголеми за речиси 5 проценти, на над 24,5 милиони, додека трошоците на меѓународните посетители пораснаа на 515 милијарди евра, а домашните на околу билион евра.