Минатата сабота, во хотел Marriott Skopje, се одржа третото издание на конференцијата WITCON – настан кој го обединува светот на вештачката интелигенција, иновацијата и технологијата. Со повеќе од 450 учесници, 65+ говорници и претставници на над 100 компании од Македонија, регионот и светот, ова издание беше најавено како дводневен концепт со цел да понуди не само знаење и професионално вмрежување, туку и инспирација за следната генерација технолошки лидери.
Првпат оваа година конференцијата се одржа во дводневна форма, со онлајн присуство на 21 ноември и целодневна активност на 22 ноември во хотелот. Идејата на WITCON е да ги спои професионалците, пионерите и младите таленти на едно место, овозможувајќи размена на знаења, искуства и идеи. Јасмин Алиќ, LinkedIn’s No.1 Creator, беше еден од главните говорници, споделувајќи практични совети за користење на LinkedIn за личен и бизнис раст.
Конференцијата посвети големо внимание на улогата на жените во технологијата. Кирстин Стир, извршен директор и основач на НВО С9004, истакна: „Јас сум жена во технологијата повеќе од 20 години и знам како е да бидеш единствената жена во просторијата. Сега тоа се менува, а жените носат нови перспективи и други погледи. Заедно со машки колеги можеме да постигнеме поиновативни резултати. Целта е да ги отвораме вратите за женските компетенции и вештини во технолошкиот свет.“

Маријана Иловска Златановски подвлече дека конференциите како WITCON имаат огромно значење за охрабрување на жените: „Пред десет години, беше феномен за жена да достигне лидерска позиција, особено во инженерските улоги. Денес ваквите настани создаваат свест, го поттикнуваат нетворкингот и им покажуваат на младите жени дека има место за нив во технолошкиот сектор.“
На прашањето за најголемите предизвици со кои се соочуваат жените денес во технологијата, Александра Шолдова Спасовска посочи: „Експанзијата на вештачката интелигенција е голем предизвик, но истовремено и можност за адаптација. Жените треба да се вклучат активно, да се обучуваат и да превземат ризици. Технологијата не е само машка област, сѐ може да се направи ако се сака.“

Настанот покажа дека WITCON не е само конференција, туку платформа за трансформација на технолошката индустрија во Македонија. Освен предавањата, учесниците имаа можност да разменуваат искуства, да пронајдат ментори и соработници и да се инспирираат од женските лидери кои ја обликуваат иднината на технологијата.
Сите соговорнички се согласуваат дека овие настани ја поставуваат основата за понатамошно вклучување на жените во ИТ секторот, поттикнувајќи ги да се охрабрат, да превземат ризици и да се стремат кон лидерски улоги. Како што заклучуваат, иднината на технологијата зависи од тоа колку успешно ќе се комбинираат талентот, знаењето и храброста на новите генерации.

Со најавата дека следното издание ќе биде уште поголемо и посодветено за млади професионалци, WITCON продолжува да го зацврстува својот статус како водечки настан за жени во технологијата и иновацијата во регионот.
WITCON 2025 ја потврди важноста на жените во технологијата, нудејќи знаење, инспирација и можности за мрежно поврзување. Конференцијата покажува дека иднината на ИТ индустријата зависи од храброста, талентот и посветеноста на новите генерации, а жените продолжуваат да ја обликуваат со своите идеи и иновации.
