Одпочетокот на војната, иранскиот режим испраќа сигнали дека верува во својата победа и дека е во позиција да му наметне договор на САД кој би ја зацврстил доминацијата на Техеран врз енергентите на Блискиот Исток во наредните децении, пишува Wall Street Journal.
Сепак, ваквиот став би можел да се покаже како опасно погрешна проценка на решителноста на Доналд Трамп или на способноста на Израел да изврши стратешки удари врз преостанатото раководство и воени капацитети на Исламската Република.
Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху даваа противречни изјави за траењето на војната, обидувајќи се истовремено да ги смират пазарите и да го држат Иран во неизвесност. Додека Нетанјаху изјави дека војната ќе заврши „многу побрзо отколку што луѓето мислат“, Трамп порача дека САД ќе го завршат конфликтот во „блиска иднина“, иако Пентагон истовремено испраќа дополнителни сили на Блискиот Исток.
Иран верува дека времето работи за него
Проблемот е што и Иран има влијание врз тоа кога ќе заврши војната – а засега се чини дека верува оти времето е на негова страна. И покрај американските и израелските тврдења за уништување на ракетни капацитети, Иран ја задржал способноста секојдневно да испукува десетици балистички ракети и уште повеќе дронови низ регионот.
Во последните денови, интензитетот на нападите дури и се зголемил. Иранските удари предизвикале сериозна штета врз енергетски објекти во Катар, Саудиска Арабија, Кувајт, Бахреин и Обединети Арапски Емирати, додека извозот на нафта од Иран продолжува.
Пловидбата низ Ормускиot теснец е можна само со дозвола од Иран. Во меѓувреме, растот на цените на нафтата и гасот врши притисок врз светските економии и врз Трамп да ја заврши војната што започна на 28 февруари со очекување за брза победа.
Високи барања од Техеран
„Иранците не се подготвени да ја завршат војната затоа што научија важна лекција – дека релативно лесно можат да предизвикаат огромна штета и хаос“, изјавила аналитичарката Дина Есфандијари.
Портпаролот на Комитетот за надворешни работи и одбрана на иранскиот парламент, Ебрахим Резаеи, изјавил дека разговорите со САД не се приоритет бидејќи Техеран се фокусира на „казнување на агресорот“.
Министерот за надворешни работи Абас Арагчи го опишал Иран како „нов Виетнам“ за САД.
Условите што ги поставува Иран за крај на војната вклучуваат: големи воени репарации од САД и нивните сојузници, повлекување на американските сили од регионот и трансформација на Ормускиот теснец во зона под контрола на Иран, каде бродовите би плаќале такса за поминување
Мохамад Мохбер изјавил дека Иран сака да воспостави „нов статус“ за теснецот, со што земјата би се претворила од санкционирана држава во регионална сила.
Американски одговор
Таквата реторика, според аналитичарите, може да ја потцени решителноста на Вашингтон. Џејсон Гринблат предупредил дека „таквата ароганција е опасна“ и дека Трамп нема да дозволи Иран да победи.
Тешко е да се замисли дека САД или земјите од Заливот би ги прифатиле овие услови. Доналд Трамп повеќепати најави дека ќе го отвори Ормуски теснец – и со сила ако е потребно – и веќе нареди распоредување на дополнителни маринци во регионот.
Тој изјави дека обезбедувањето на пловните патишта би било „едноставна воена операција“ со „многу мал ризик“, истовремено критикувајќи ги европските сојузници што не сакаат да се приклучат.