Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека земјата наскоро ќе започне набавка на гас од алтернативни партнери, бидејќи договорот со Русија сè уште не е потпишан.
Според него, државата ќе обезбеди доволни количини гас и ќе ја гарантира енергетската безбедност, која ја оцени како клучен предуслов за функционирање на општеството.
„Без енергија немате ништо. Ќе се затворат болниците, клиничките центри. Каде ќе ги лекуваме луѓето? Целото здравство ни работи на дизел. Сакавме или не, мора да водиме сметка за сè“, изјави Вучиќ за ТВ Прва во Ниш.
Тој нагласи дека енергетиката е „најважната област на националната економија“ и предупреди дека државата ќе се соочи со уште поголеми предизвици во иднина. Како приоритети ги наведе изградбата на интерконекторот кон Македонија, гасниот интерконектор кон Романија и нов нафтoвод кон истата земја.
Вучиќ истакна дека верува дека разговорите меѓу руската страна и една арапска компанија за иднината на НИС се „сериозни“ и дека ситуацијата ќе биде разрешена до 15 јануари.
Запрашан дали граѓаните ќе почувствуваат последици од тоа што веќе 62 дена до рафинеријата не пристигнува ниту капка нафта, тој рече дека досега тоа не било забележливо, но предупреди дека евентуални секундарни санкции би можеле да создадат притисок – иако, според него, недостаток на гориво нема да има.
Во контекст на проблемите со НИС и неизвесноста околу договорот за гас, Вучиќ најави и нов бран инвестиции во инфраструктурата во Ниш. Тој истакна дека, и покрај тековните енергетски предизвици, Владата планира да вложи околу 100 милиони евра во следната фаза од доградбата на аеродромот „Константин Велики“, кој според него е подобро позициониран од белградскиот.
Најавени се и нови авиолинии и можност за враќање нискобуџетни компании, како и разгледување на преместување уште една клучна линија на Ер Србија во Ниш. Претседателот нагласи дека карго-сообраќајот е на рекордно ниво, а денот ќе го продолжи со посети на фабриките Ariston и Palfinger, компании со повеќе од 300 вработени секоја.
