Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се обрати по денешниот голем студентски протест во Белград. Обраќањето се одржа од Палатата Србија.
На почетокот на своето обраќање, Вучиќ изјави дека сака да изрази задоволство што се одржал „еден голем протест, со огромна негативна енергија, гнев и бес насочени кон властите, но без жртви и тешко повредени“.
Вучиќ рече дека вкупно се повредени 56 лица, но дека никој нема тешки повреди. Уапсени се 22 лица.
За бројот на учесници на протестот изјави:
„Проценките на три различни служби се – воената служба смета дека имало 88.000, додека конечната процена на полицијата е 107.000. БИА процени нешто меѓу тие бројки“, рече Вучиќ, додавајќи дека изненадувачки голем број луѓе дошле на протестот од внатрешноста на земјата, и од југот и од северот.
Вучиќ ги негираше обвинувањата дека на денешниот протест бил користен звучен топ, нарекувајќи ги тие тврдења срамни.
„Денес не кренавме ниту една палка. Полицајците трпеа… Во Пионирскиот парк беа фрлени повеќе од 60 експлозивни направи, факели, камења – нивниот број е непознат. Оштетени и уништени се повеќе од 100 трактори на српските земјоделци“, изјави Вучиќ, нагласувајќи дека без тракторите, тешко би можело да се спречи крвопролевање.
Денес во Белград се одржа студентски протест, кој во еден момент беше прекинат поради инциденти. Студентите се оградија од нив, редарите ги симнаа елековите и ги повикаа граѓаните да се повлечат од просторот пред Собранието.