Ново издание на „РЕ-КУЛТУРА“: Фестивалот кој ги повикува младинската и критичка култура повторно

На 26 и 27 септември во Скопје, здружението за младинска култура „Култура Бета“ го организира новото издание на фестивалот кој веќе втора година ја ангажира заедницата, ги активира младите уметници и повикува на меѓусебна комуникација и ангажман. Кафе-книжарниците „Буква“ и „Илика“ ќе бидат локациите каде овие два дена може да се проследи богата програма со фокус на критичко промислување на уметноста

Овој петок во кафе-книжарниците „Буква“ и „Илика“, здружението „Култура Бета“ го организира второто издание на фестивалот за алтернативна и критичка култура посветен на младите. „РЕ-КУЛТУРА“ е името на овој дводневен младински фестивал кој започнува со поетски настан во петок, во 12 часот и ќе трае до доцните часови во сабота вечер на добро познатата скопска локација – „Буква“.

Овој младински фестивал годинава ќе понуди квалитетни содржини кои не само што се фокусирани на многу различни аспекти од младинската култура, туку се насочени и кон нејзино критичко промислување и истражување. Програмата започнува со поетскиот настан „Се читаме“ во 12 часот во петок, каде поети од различни генерации читаат заедно со цел запознавање на меѓусебните поетики и зголемување на меѓугенерациската комуникација кога станува збор за читањето поезија и пишувањето. Влада Урошевиќ, Весна Ацевска, Санде Стојчевски, Иван Џепаровски, Зоран Анчевски и Виолета Танчева Златева читаат заедно со Љубица Шопова, Андреј Ангеловиќ, Марија Велинова, Ивана Јовановска и Стефан Спасовски.

Програмата во петок, продолжува од  18 часот со дискусијата „Уметникот како активист: избор или потреба”, на која модераторката Калина Качоровска разговара со Борјан  Гаговски, Мања Величковска и Бојан Шашевски. Веднаш потоа следува промоцијата на младинското списание „Тригер“ за која ќе зборуваат Андреј Медиќ Лазаревски и Марија Велинова, а ќе ја водат Душица Лазова и Ирена Стевановска. За крајот на првиот ден на фестивалот е предвидена џем сесија и поетски перформанс на кој ќе учествуваат:  Борјан Гаговски, Дарио Циевски и Меј како музичари, ако и поетите: Гала Матевска, Ива Петреска, Андреј Ал-Асади, Марија Ангеловска, Милена Сиљановска, Викторија Ангеловска и Ана Тодоровска. Вечерта ќе заврши со сет на Дона Илијевска.

Ова издание на фестивалот е второ и се подразбира дека замислата и целта на фестивалот е да продолжи да се случува на годишно ниво. Лани кога првпат го организиравме започна пред сѐ од потреба на меѓусебна поддршка. Ние како здружение чувствуваме потреба да ја „опипаме“ средината и условите за организирање и финансирање на настани, додека пак истовремено имавме можност за соработка со другите млади кои цикулираат во културниот живот во градот, како и прикажување на нивното творештво и креатиност. Со оглед на тоа што првото издание се покажа како успешно и најважно од сѐ презабавно, оваа година бевме мотивирани да ја збогатиме програмата и да поставиме поголема цел и предизвик за нас како тим. Покрај тоа секој од нас има своја многу поконкретна улога, со што сечии силни страни доаѓаат до израз, а со тоа и се зголеми бројот на учесници од различни полиња, што се разбира дека е нашата цел, наместо да се врти програмата во затворен круг. – вели Наде Циева за од „Култура Бета“ за годинашното издание и организацијата на тимот.

За мене лично, „РЕ-КУЛТУРА“ значи реанимација на заедницата. Работејќи на овој фестивал, сфатив дека целината навистина е поголема од збирот на сите нејзини делови. Иако „Култура Бета“ е организатор, да ја немавме поддршката од заедницата, немаше да имаме што да организираме, ниту за кого. Кога велам заедница, мислам на сите групи и индивидуалци кои ни ја позајмуваат нивната интелектуална сопственсот за да создадеме нешто поголемо од самите нас. Со тоа, би рекла дека „Ре-култура“ е отпор против индивидуализмот. – додава Хана, уште една членка на „Култура Бета“ околу перспективите за важноста на фестивалот кој ја добива својата препознатливост кај младите.

Вториот ден на фестивалот ќе се одвива со програма паралелно во „Буква“ и во „Илика“. Во „Илика“,  програмата започнува со музички избор на поетесата Ивана Јовановска од 12 до 15 часот, диџеј сет на Калина Каџоровска и Наде Циева од 15 до 18 и концерт на Марко Печеновиќ од 17 и 30 часот. Паралелно, кафе- книжарницата ќе биде претворена во донаторски базар за книги, плочи и цедеа кој ќе трае цел ден. Истовремено, ќе се одвива групна изложба на концертна фотографија на која изложуваат: Ема Трајковска, Сара Богоева, Тина Филиповска и Никола Атанасов, курирана од Наде Циева. Таа особено се осврнува на промоцијата на првиот број на субверзивното младинско списание „Тригер“ кое е особено значајно за младинската сцена“.

Иако сите активности кои се предвидени за фестивалот ми се предрадоцени и возбудливи, тоа што мене лично најмногу ми се допаѓа за ова издание е промоцијата на нашето списание „Тригер“. „Тригер“ е нешто на кое што долго работиме и од аспект на содржината, но и од аспект на неговото издавање и тоа што нам ни беше важно е неговото постоење во физичка форма како списание. „Тригер“ ми е особено значајно поради тоа што повторно укажува на соработката која постои меѓу младите, без разлика од тоа кој на кој круг припаѓа. Со вакви активности и дела се покажува отвореноста и сплотеноста која ја имаме како генерација. Покрај ова, особено сум возбудена за базарот кој лани беше никулецот за создавањето на фестивалот, како и за Отворената сцена која првпат ја изведовме овој февруари на роденденот на „Култура Бета“, а поради убавиот одзив ја повторуваме и на „РЕ-КУЛТУРА“.

Кафе книжарницата „Буква“ ја започнува саботната програма во 13 часот со работилница со „Скопје колаж колектив“, настан за сириска протесна музика со Хана и Борис од 18 часот, и промоција на новата книга на Андреј Медиќ Лазаревски насловена „Багет полн полжави полиени со уље истечено од вардаровите галии“ во 21 часот. Збирката ќе ја промовираат Калина Качоровска и Стефан Спасовски. Фестивалот завршува со танцување, односно со TURBO XXX CLUB: ModemPriest, ShefShef, WhoreMoans и нивниот музички избор.

За крај, Хана додава дека годинава на фестивалот ќе се случуваат многу инересни настани, производ на умни и неуморни глави, кои ќе го разубават физичкиот и онлајн просторот. Вели дека е особено возбудена за базарот, кој е никулецот на овој фестивал, но и годинашното присутство на „Партизанска штампа“ на настанот. И ова издание на фестивалот ќе биде посветено целосно на алтернативната култура, на различните уметнички облици, на поврзување на колективот и ослободувањето од препреките што стојат на патот на уметничкото и културно дејствување, а фестивалот ќе даде свој придонес во поттикнувањето на заедницата и развојот на уметничката култура кај нас.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни