Во Министерството за образование и наука годинава се пријавени 34 случаи на врсничко насилство, но нема ниту една официјална пријава за сајбер-булинг. Ова го соопшти министерката за образование Весна Јаневска на средба со ученици-активисти кои презентираа иницијативи за побезбедна дигитална средина.
Иако официјалните податоци не покажуваат случаи на онлајн-насилство, учениците посочуваат дека сајбер-булингот е присутен и дека младите често не пријавуваат.
Јаневска ги охрабри учениците да не молчат и да ги користат механизмите за заштита. Таа посочи дека постојат стручни служби кои можат да работат со училиштата, наставниците, жртвите, но и со сторителите на насилството.
„Вкупно 34 случаи на врсничко насилство се пријавени годинава во Министерството, но нема ниту еден за насилство преку интернет, а вие велите дека го има. Кога ќе наидете на такво насилство, пријавете го“, порача Јаневска, додавајќи дека учениците треба да бидат „мост меѓу интернетот и стручните служби“.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски истакна дека борбата против сајбер-булингот мора да ги вклучи и родителите. Според него, многу родители немаат доволно знаење како да се справат со овој вид насилство, бидејќи тоа не постоело во периодот кога тие растеле.
Тој потсети дека веќе една година функционира проектот „Центар за побезбеден интернет“, кој ќе продолжи и во наредниот период.
Од канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје информираат дека формално не е евидентиран ниту еден случај на сајбер-булинг. Александра Ивановска посочи дека механизмот на МВР, познат како „црвено копче“, е сѐ уште недоволно познат меѓу граѓаните.
Минатата година преку оваа алатка биле поднесени околу четири пријави, иако платформата е наменета за сите видови насилство.
Учениците вклучени во иницијативата #НетБезХејт ги презентираа своите активности, како и најавената кампања и прирачник за справување со онлајн-насилство, кои треба да бидат финализирани до крајот на годината.
Надлежните институции најавуваат засилена едукација и поголема видливост на механизмите за пријавување, додека учениците бараат поактивна поддршка од училиштата и родителите.