Поради најавениот работнички протест за повисоки плати, утре во центарот на Скопје ќе биде воведен времен сообраќаен режим со ограничувања и пренасочување на возилата.
Протестниот марш, организиран од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), ќе започне во 12:05 часот пред Работничкиот дом, а учесниците ќе се движат кон Собранието, Стопанската комора и Владата.
Маршрутата на движење ќе ги опфати улиците „Филип Втори Македонски“, „11 Октомври“, „Димитрие Чуповски“ и „Васил Главинов“, како и булеварите „ВМРО“ и „Илинден“.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека поради движењето на протестот ќе има привремени ограничувања на сообраќајот по целата траса и апелираат граѓаните да ги почитуваат насоките на полициските службеници и да бидат внимателни при движење во централното градско подрачје.
Од ССМ очекуваат масовна поддршка од работниците, незадоволни од зголемувањето на минималната плата за 1.667 денари, кое беше направено преку законско усогласување.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, посочи дека според податоците на Управата за јавни приходи околу 160.000 работници во Македонија примаат плата под прагот на сиромаштијата.
„Целта на протестот е да укажеме дека платите во Македонија се недоволни и дека е потребно нивно значително зголемување“, изјави Трендафилов, повикувајќи ги работниците да се приклучат на протестниот марш.