Време за обработка на впечатоци: мртво лисје, полна трпеза!

Впечатокот е восприемена дразба, без разлика дали е пријатна или непријатна, таа има своевидна моќ врз менталниот склоп на восприемачот а, доказ за тоа е неговата реакција. Реакцијата значи дека одредени сензорни информации продреле во психичкиот апарат на свесното битие, кој никако не е изоставен и од физиолошки одговор. Дразбите напаѓаат како насобрана толпа, многумина се – иако не се идентични, а секојднеевниот ритам на живот поминат низ временски распоред и обврски ги пакува како едно па, така, филтрирањето често се одвива несвесно. Постојано восприемаме неброени дразби. Во дигиталното доба восприемањето е нормализирано изобилство од дразби и впечатоци со премалку време за нивна свесна обработка. Си зборам, дека колумна е.

Ја сум проклето осудена на тоа да слушам сѐ  расчленето, иако сум свесна дека функционира како еден масивен удар од информации што ги примаат и телото и умот одеднаш, како комплексна реалност шо би се рекло, што по дифолт ја земаме така здраво за готово како нешто цврсто и неподвижно. Мене ми е светот многу често напорен. Сум го видела и грозен и напуштен и потценет и бесценето прекрасен и мирен. Ме преплавува неговата интензивност и напрегнатост и потребно ми е време за обработка на впечатоци. Впечатоците се всушност информации што треба допрва да се обработат и сортираат па, потврдат, за од нив потоа да може да се создаде  –  на пример, песна, или да се побараат мостовите за спојување на коцките. Така некако ми работи главата, како коцки што се тркалаат.

Мостовите се слабост и парадоксално, исто така и решение. Како рана, им треба леко и внимателно преминување и премачкување, да не се преоптеретат, да се негуваат, да се чуе што зуи и животари под нив, околу нив, над нив, на нив, дури да се стигне до она што ни се чини како непознато ткиво. Просторот помеѓу коцките е кревок и полн можности за зараснување или трулење. Изборот е наш!

Времето потрошено за вакви забегани мисли го сметам за вложено време. Креативноста е како нагон, таа не е талент, таа е инстинкт да се види материјал во сѐ што ја изгубило својата виталност но, не е за фрлање и со него да може да се продолжи циклусот на раѓање и умирање.

Смрдливиот црв (Eisenia fetida ), познат како црв од ѓубриво, има круцијална улога во она што ние луѓето го нарекуваме живот а, сепак се бави со мртви остатоци. Овој црв со којшто изминативе три недели имав чести блиски средби – роварејќи и култивирајќи парче почва во боидиверзна околина, распознава каде престанала организацијата на молекулите во склоп на еден организиран систем и почнува да го обработува она што останува од него. На пример, паднат лист или корен од угинато растение. Се вели дека црвот ги јаде мртвите остатоци од органски материјал(лушпи од зеленчук, лушпи од јајца). Да, тие поминуваат низ неговото лигаво, еластично и саморегенерирачко прстенесто тело. Тој ги преработува детектираните остатоци од живот и неговиот измет станува вредно ѓубриво во почвата без кое што не би имале  зеленчук во изобилство – а, и храна за добитокот што се одгледува за потребите од месо  на модерниот човек, што се сметаат за неизбежни на една домаќинска трпеза.

Не секој зеленчук е израснат од изметот на смрдливиот црв што се храни здраво, поголемиот дел се ѓубри на модерен начин. Што е битно како, битно има да се купи сѐ!

Црвот е  често омилен, ако е од оние дождовните. Да се разбереме, нема лош црв, има луѓе што го злоупотребиле неговото постоење во отровна метафора. Црвот е срцка, исто како и уметникот, особено во популарната култура. Од мртви остатоци од високата култура ни фрла в лице сиров материјал да изградиме живи замоци од култура – сега и овде! Она што за мене денес е уметност е токму таа работа на  смрдливиот компостен црв што ја преработува мртвата природа од високата култура полна суровини за живот со популарната култура која треба да го продолжува животниот циклус. Шеесеттите години за музиката се плодната почва на која овие две култури се спојуваат и ги замаглуваат цврстите граници помеѓу нив.

Убаво е да се слави животот со музика, со нешта на кои им е потребно време да дозреваат, како добро вино, перверзен домат и ограда од рузмарин, без да се убие сѐ околу себе. Ми има смисла да се култивира простор за ветрот да има мноштво процепи како би можел сѐ уште да ми прозвучува како виолончело (некои ветрови звучат како дувачките инструменти). Клукајдрвецот е задолжен за ритамот, таму, кадешто славејчето има дом и конкуренција  и решило да запее во хор со птици певливки што не се поп ѕвезди; единствени и незаменливи како илјадници хектари исти па исти тела – испрскани, прекрасни и отровни, исправени на неподвижни коцки; да не може да припари никаков инсект и никаква друга птица. На коцките во мојата глава добро им доаѓаат неправилните форми и безграничноста на просторот каде што заедно растат различни растенија и црцорат мноштво птици.

Видов Жолна(Oriolus oriolus), што исто така ја викаат и Златка или Вуга. Пееше ли пееше. Видов и Царче (Troglodytes troglodytes), како се послужува со зелен скакулец, видов и диви фазани во една нива на која расте диво цвеќе и висока трева – ги демнеше едно мало лисиче.

Мрачноста на моите зборови ја користам како придушена ламба за собирање материјал за нов плод. Тука не е сѐ проклето скоцкано во монокултурна пропаст и помор на биодиверзитетот. Слушам како добро аранжира бумбарот во еден аудио пејсаж. Слушам и радио, па така ми влета една получасовна репортажа за инсектите и опрашувањето. Дознав дека ова прекрасно суштество што го обожавам уште од времето кога правевме хербариум и интектариум за на училиште, поседува најдобра техника за опрашување на домати. Колку прекрасно! Парадајзззззз……

Авторката е музичарка и текстописец

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни