Секој ден сме сведоци на нефункционалноста на системот што треба да нè штити. Наместо тоа, тој нè разочарува, нè остава ранливи и беспомошни пред неправдата. Загубените животи не смеат да останат само статистика. Овој марш не е само собир на поединци – ова е гласот на заедницата што бара промени.
Протестот е политички чин, но не е и не смее да биде партиска алатка. Тој е глас на луѓето што се борат против корупцијата, неправдата и системската небезбедност, без оглед на која политичка партија ѝ припаѓаат.
„За протест не се потребни пари. За хамер и фломастери за плакатите – имаме,“ порачуваат организаторите, испраќајќи јасна порака до сите што се обидуваат да го дискредитираат движењето со лаги и манипулации.
Овој протест не е само израз на гнев – тој нуди решенија. По низа јавни форуми и консултации со стручната јавност, организаторите подготвија конкретни барања за системски промени:
✔ Безбедни улици и градови – институции што ќе гарантираат сигурност и заштита за секој граѓанин.
✔ Неселективна и правична правда – закон што важи за сите, без разлика на моќта или позицијата.
✔ Едуцирана младина со морален компас – образование што ќе гради свесни и одговорни граѓани.
Секој изгубен живот е потсетник дека молкот убива, а апатијата не е решение. Граѓаните порачуваат: Доста беше! Време е да ги потсетиме надлежните кому служат и зошто се на своите функции.
Ова не е само протест. Ова е битка за подобро утре. За Фросина. За сите што ги загубивме. За нас. За оние што доаѓаат по нас.