Според официјалните податоци, во 2024 година на грчките патишта животот го загубиле 665 лица – бројка што ги поттикна институциите да воведат нулта толеранција за ризично однесување зад воланот. Посебен акцент се става на користењето мобилен телефон, возењето под дејство на алкохол, непочитување на сигнализацијата, пречекорување брзина и улични трки.
Еве што велат правилата:
- Мобилен телефон: За прв прекршок – 350 евра и забрана за управување со возило 30 дена. Повторувањето носи казна до 2.000 евра и суспензија до една година. Ако се предизвика незгода, следуваат до 4.000 евра и можно кривично гонење.
- Алкохол во крвта: За концентрација над дозволеното, казните почнуваат од 350 евра, но можат да достигнат и до 1.200 евра, со дополнителни мерки како запленување на возилото и затворски казни.
- Безбедносна опрема: Носењето сигурносен појас или кацига е задолжително и за возачите и за патниците. Непочитувањето се казнува со 350 евра и привремено одземање на дозволата.
- Прекршоци на семафори и сообраќајни знаци: Возење на црвено светло или непочитување STOP знак се казнува со 700 евра, а казната се зголемува со секое повторување.
- Брзо возење и улични трки: Казните за пречекорена брзина се движат од 150 до 350 евра, а за трки на јавни патишта или возење над 200 km/h се предвидени санкции до 8.000 евра и забрана за возење до четири години.
- Паркирање и технички пропусти: Паркирање на места за лица со попреченост или без технички преглед носи казни од 150 до 2.000 евра. Возење без осигурување се казнува со 250 до 1.000 евра.
Без отстапки за туристи
Туристите, меѓу кои и голем број македонски државјани, не се изземени од санкциите. Неплатените казни можат да доведат до проблеми при следно влегување во земјата, а за разлика од претходно – веќе не важи попустот за навремено плаќање. Казните се уплатуваат во поштенските филијали на ELTA, и важно е тоа да се направи навреме.
Совети за патниците
Грчките патишта бараат дисциплина, а казните можат да го расипат и најдобро планираниот одмор. Доколку патувате со автомобил, информирајте се за сообраќајните прописи и придржувајте се до нив. Безбедноста е приоритет – и за вас и за останатите учесници во сообраќајот.