Европскиот авио и туристички сектор влегува во период на зголемена неизвесност, откако авиокомпании и аеродромски асоцијации предупредија дека залихите на авио гориво се на критично ниско ниво. Според предупредувањата, дел од авиопревозниците располагаат со гориво за само неколку недели, додека европската асоцијација на аеродроми ACI Europe изразува сериозна загриженост за стабилноста на летната сезона.
Клучен фактор во кризата е нарушениот синџир на снабдување, при што се наведува дека потенцијалното затворање или ограничување на клучни поморски правци, како Ормускиот теснец може дополнително да го влоши снабдувањето со авио гориво на глобално ниво.
Последиците веќе се чувствуваат во индустријата: се очекува зголемување на цените на авионските билети и намалување на бројот на летови. Дел од авиокомпаниите веќе започнале со прилагодување на своите линии, со акцент на пократки и поекономични рути. Според проценките, цените на билетите би можеле да пораснат за најмалку 25%, особено ако се продолжи нестабилноста на енергетските пазари, кои веќе бележат раст поради геополитичките тензии.
Во туристичките дестинации како Хрватска, првите податоци за предсезоната се сè уште позитивни, со раст на бројот на летови и пристигнувања. Сепак, туристичките власти предупредуваат дека ситуацијата може брзо да се промени доколку дојде до понатамошни ограничувања во авио сообраќајот.
Во пракса, тоа значи дека веќе купените билети не гарантираат сигурен лет во наредните месеци, доколку проблемите со снабдувањето ескалираат. Авио индустријата засега користи резерви, но добар дел од компаниите не добиваат сигурни гаранции за идни испораки. Туристичките работници предупредуваат дека, доколку се намали авио сообраќајот, прво ќе бидат погодени подолгите дестинации, додека регионалните и пократките линии би можеле да останат приоритет.
Во меѓувреме, дел од патниците веќе реагираат на зголемените цени некои откажуваат патувања или ги менуваат плановите поради поскапувањето, што дополнително ја покажува чувствителноста на туристичкиот пазар на секоја енергетска криза.
Европската авио индустрија сега повикува на координиран мониторинг на снабдувањето со гориво на ниво на ЕУ, со цел да се избегне сериозен удар врз туризмот еден од клучните економски сектори на континентот.