Ворен Бафет се повлекува по шест децении: Крај на ерата на „пророкот од Омаха“

Легендарниот американски инвеститор Ворен Бафет (95) соопшти дека на крајот од годината ќе се повлече од функцијата извршен директор на Berkshire Hathaway, компанија што ја водеше уште од 1965 година.

Во своето последно годишно писмо до акционерите, Бафет порача дека ќе „си замине тивко“, но и дека нема целосно да се повлече од јавниот живот, бидејќи ќе продолжи со своите традиционални обраќања по повод Денот на благодарноста и со засилени филантропски активности.

Неговиот долгогодишен соработник Грег Абел (63), потпретседател задолжен за нефинансиските операции, ќе ја преземе водечката функција на почетокот на 2026 година. Бафет го назначи уште во 2021 година како свој наследник, а сега повторно го потврди изборот:
„Грег ги надмина сите очекувања што ги имав кога првпат помислив дека треба да биде следниот директор на Berkshire.“

Филантропија наместо профит

Бафет најави дека ќе го засили темпото на донации, планирајќи постепено да подари цели 149 милијарди долари во акции на Berkshire Hathaway, кои сè уште се во негова сопственост. Само оваа недела, конвертираше дел од своите акции во вредност од 1,35 милијарди долари и ги донираше на семејни фондации.
„Ако сакам да осигурам дека моето богатство ќе се распореди додека сегашните доверители се уште се активни, морам да го забрзам процесот на дарување“, напиша Бафет.

Крај на една ера

Познат како „пророкот од Омаха“, Бафет веќе шест децении е симбол на стабилност, рационалност и едноставност во капитализмот. Неговите годишни собири во Омаха, популарно наречени „Вудсток за капиталисти“, станаа финансиски спектакл што привлекува илјадници инвеститори од целиот свет.

Иако Berkshire Hathaway оваа година бележи раст од повеќе од 10% и пазарна вредност од еден билион долари, Бафет признава дека големината на компанијата станала ограничување:
„За десет или дваесет години, ќе има многу компании што ќе работат подобро од Berkshire. Нашата големина има своја цена.“

Наследство и ново поглавје

Со неговото заминување завршува една од највлијателните епохи во историјата на американскиот бизнис. Абел ќе ја преземе компанијата што со децении е синоним за трпение, долгорочно инвестирање и вера во американското пазарно чудо. Но аналитичарите предупредуваат дека со заминувањето на Бафет, „Вудсток за капиталисти“ ќе биде помалку гласан – и со помалку сладолед, симболот на неговата скромност и човечност што го направи омилен и меѓу милионери и меѓу обичните луѓе.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни