Вонредни парламентарни избори на Косово на 21 или 28 декември

По распуштањето на парламентот, Косово се подготвува за вонредни избори. Партиите предложија 21 или 28 декември, а претседателката Вјоса Османи наскоро ќе го одреди конечниот датум.

Вонредните парламентарни избори на Косово би можеле да се одржат на 21 или 28 декември, како што беше предложено на состанокот на лидерите на парламентарните партии со претседателката на Косово, Вјоса Османи, во Приштина.

Претседателот на Демократската партија на Косово (ДПК), Бедри Хамза, изјави по состанокот дека нивната партија го предложила 21 декември како датум за избори, но дека имало и предлози гласањето да се одржи на 28 декември.

Османи се сретна со претставниците на парламентарните партии откако го донесе указот за распуштање на Собранието на Косово, бидејќи ни вториот мандатар за состав на владата, кандидатот на Самоопределување – Глауку Конјуфца – не успеа да обезбеди потребно мнозинство од пратениците.

По состанокот со претставниците на парламентарните партии и по консултација со претседателот на Државната изборна комисија, претседателката Османи ќе го издаде указот за распишување на вонредните избори.

Според Уставот на Косово, изборите мора да бидат распишани најдоцна во рок од 40 дена од распуштањето на парламентот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни