На итната седница на Обединети нации посветена на ситуацијата со Иран, американскиот амбасадор при ОН Мајк Волц изјави дека нападот врз Иран бил „законска акција“ насочена кон заштита на глобалната безбедност.
„Ова е историски момент што бара морална јасност“, изјави Волц, додавајќи дека претседателот Доналд Трамп ја разбрал тежината на ситуацијата.
Според него, операцијата „Епски бес“ била насочена кон: демонтажа на иранските ракетни капацитети, уништување поморски средства што дестабилизираат меѓународни води и прекинување на механизмите за вооружување на сојузнички милиции во регионот
Тој нагласи дека целта е да се обезбеди „иранскиот режим никогаш да не може да му се заканува на светот со нуклеарно оружје“.
Кина: Нападите се „дрски“
Кинескиот амбасадор во ОН Фу Конг остро ги осуди американско-израелските напади, нарекувајќи ги „дрски“ и спротивни на принципите на Повелбата на ОН.
„Суверенитетот, безбедноста и територијалниот интегритет на Иран и другите земји од регионот мора да се почитуваат“, изјави тој, повикувајќи ги сите страни да ги исполнат своите обврски според меѓународното право.
🇷🇺 Русија: „Нож во грб на дипломатијата“
Постојаниот претставник на Русија во ОН Василиј Небензја побара од САД и Израел веднаш да ги прекинат „агресивните дејствија“ против Иран.
Според него, нападите претставуваат „вистинско предавство на дипломатијата“, бидејќи се случиле во време кога Техеран покажувал подготвеност за разговори со Вашингтон.
Русија предупреди дека ескалацијата може да ја загрози нуклеарната и радиолошката безбедност во регионот.
Гутереш: „Нема алтернатива на мирот“
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш повика на итен прекин на непријателствата и враќање на преговарачката маса.
Тој истакна дека нападите се случиле по третата рунда индиректни разговори меѓу САД и Иран, со посредство на Оман, и порача дека „не постои одржлива алтернатива на мирното решавање на меѓународните спорови“.
Итна седница на барање на Русија и Кина
Седницата на Советот за безбедност беше свикана на барање на Русија и Кина, со поддршка од Франција, Бахреин и Колумбија. Со состанокот претседаваше Велика Британија.
Светот внимателно ја следи расправата во Њујорк, додека кризата околу Иран прераснува во една од најсериозните безбедносни закани во последните години.