Судирите на Блискиот Исток продолжуваат да се интензивираат, додека Израел ги продолжува нападите врз цели во Иран и Либан. Техеран возврати со напади врз позиции на Западниот Брег, но и врз американски бази во Ирак, Бахреин и Катар.
Во меѓувреме, Советот за безбедност на Обединетите нации усвои нацрт-резолуција со која се осудуваат иранските напади врз земјите од Персискиот Залив.
Иранскиот претседател Месуд Пезешкијан во меѓувреме ги изнесе условите за прекин на конфликтот. Меѓу нив се исплата на репарации и гаранции дека нема да има нови напади врз Иран. Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, изјави дека војната ќе заврши кога тој ќе одлучи.
Паралелно со ескалацијата, цената на нафтата нагло порасна и надмина 100 долари за барел.
Регионална стратегија на Техеран
Аналитичарот за Блискиот Исток Маид Нахавали изјави дека Иран уште пред почетокот на конфликтот најавил дека следната војна нема да биде ограничена, туку регионална.
Според него, стратегијата на Техеран била јасна – конфликтот да ја погоди целата регија и глобалните енергетски пазари.
Иран, како што посочува, се обидел симетрично да напаѓа економски центри во Персискиот Залив, како и нафтена инфраструктура. Истовремено, и САД и Израел изведоа напади врз рафинерии.
Дополнителен притисок создава и ситуацијата во Ормускиот Теснец. Иако морскиот премин е делумно блокиран, Техеран испраќа различни сигнали – на пример, Кина сè уште успева да извезува нафта преку него.
Хамнеи по Хамнеи
По смртта на долгогодишниот лидер Али Хамнеи, нов лидер на Иран стана неговиот син Муџтаба Хамнеи, што според аналитичарите претставува одредена иронија.
Исламската република со децении ги критикуваше монархиите поради наследното владеење, а сега токму син го наследи таткото на врвот на државата.
Но, Нахавали смета дека новиот лидер нема да има исто влијание како неговиот татко.
Али Хамнеи ја градел својата политичка и морална тежина со децении, бил дел од иранско-ирачката војна и имал огромен авторитет во системот. Неговиот син, пак, е многу помалку познат во јавноста и ќе му треба долго време за да изгради сличен легитимитет.
Во меѓувреме, Исламската револуционерна гарда прерасна во огромна политичка и економска сила, која има клучно влијание во државата.
Зошто падот на режимот е малку веројатен
Костиќ смета дека смената на режимот во Иран е многу потешка отколку во земји како Ирак или Сирија.
Причината е структурата на политичкиот систем, кој е дизајниран така што елитата постојано се репродуцира и се одржува на власт.
Клучна улога има Советот на чувари – тело кое има право на вето врз сите кандидати за политички функции, од пратеници до претседател. Тој проверува дали кандидатите се идеолошки усогласени со принципите на Исламската република.
Дополнително, врховниот лидер го избира Собранието на експерти – тело составено од исламски правници, што уште повеќе го ограничува политичкиот плурализам.
Поради тоа, практично е невозможно преку избори или институционални механизми да дојде до смена на власта.
Нереален и воен преврат
Според аналитичарите, малку веројатен е и воен преврат.
Исламската револуционерна гарда со години се инфилтрира во редовната армија и има значително влијание врз безбедносните структури.
Во ситуации кога државата е нападната однадвор, дури и критичарите на режимот често се обединуваат околу одбраната на земјата, што дополнително го зајакнува системот.
Најреалното сценарио
Според аналитичарите, најреалното сценарио за крај на конфликтот е постепено намалување на тензиите и компромис меѓу Вашингтон и Техеран.
Таквиот процес би можел постепено да доведе до отворање на Иран кон западните пазари и стабилизирање на односите.
Сепак, во Техеран во моментов тврдат дека преговорите не се на маса.
Нахавали предупредува дека доколку режимот опстане по војната, Иран би можел да стане уште порадикален, посилно милитаризиран и уште порешителен во обидите да развие нуклеарно оружје.