Две недели откако Соединетите Американски Држави и Израел започнаа напади врз Иран, американскиот претседател Доналд Трамп се соочува со сè поголем политички притисок.
Загриженоста во јавноста расте поради американските жртви, растот на цените на нафтата и падот на финансиските пазари. Во исто време, Трамп се соочува со критики дури и од дел од неговите поддржувачи, додека неговата вкупна поддршка во анкетите опаѓа.
Администрацијата на Трамп сè уште не понудила убедливо објаснување зошто војната започнала – ниту како планира да ја заврши, пишува Associated Press.
Трамп бара меѓународна помош за Ормускиот теснец
Во саботата Трамп поминал неколку часа во својот голф-клуб во Вест Палм Бич во Флорида, а потоа присуствувал на затворен настан за собирање средства за својот политички комитет „MAGA Inc.“ на имотот Мар-а-Лаго.
И минатиот викенд играл голф, само еден ден по церемонијата за дочек на посмртните останки на шест американски војници загинати во Иран. Во меѓувреме бројот на жртвите дополнително пораснал.
Трамп сè почесто се жали и на медиумското известување за конфликтот.
„Медиумите всушност сакаат да ја изгубиме војната“, напиша тој, по што неговата администрација се закани со одземање дозволи на телевизии ако „не го коригираат правецот“.
Откако сојузниците – освен Израел – долго време не биле информирани за неговите воени планови, Трамп сега првпат навести дека САД ќе мора да се потпрат на меѓународната заедница за обезбедување на поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец.
Преку овој теснец поминува околу една петтина од светската нафта, а транспортот во последните денови е сериозно нарушен, што предизвика турбуленции на глобалните енергетски пазари.
„Многу земји, особено оние погодени од обидот на Иран да го затвори Ормускиот теснец, ќе испратат воени бродови во соработка со САД за теснецот да остане отворен и безбеден“, напиша Трамп.
Претпазлива реакција од сојузниците
Сепак, не е јасно дали ваква меѓународна операција веќе е договорена или Трамп само се надева дека ќе се реализира.
Тој наведе дека се надева оти Кина, Франција, Јапонија, Јужна Кореја и Обединетото Кралство ќе испратат бродови во регионот.
Од Белата куќа не дадоа дополнително објаснување, а реакциите од сојузниците беа внимателни.
Јужна Кореја соопшти дека „внимателно ќе ги разгледа“ коментарите на Трамп, Јапонија го следи развојот на настаните, додека британското Министерство за одбрана изјави дека разговара со партнерите за можни опции за обезбедување на пловидбата во регионот.
Енергетска криза и неочекувана корист за Русија
Прашањата за безбедноста на теснецот ја поткопуваат неодамнешната изјава на Трамп на митинг во Кентаки дека САД веќе победиле.
„Знаете, никогаш не сакате прерано да кажете дека сте победиле. Но ние победивме“, изјави тој.
Во меѓувреме, американското Министерство за финансии одобри 30-дневно изземање од санкциите за Русија, за да се ослободат руските танкери со нафта кои се блокирани на море поради кризата.
Аналитичарите предупредуваат дека растот на цените на нафтата поради блокадите во Персискиот Залив може да му оди во прилог на руското стопанство, кое во голема мера зависи од приходите од енергенси за финансирање на војната во Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја нарече оваа одлука „погрешна“ и предупреди дека таа ја зајакнува позицијата на Владимир Путин.
Политичка цена пред изборите
Како што се приближуваат конгресните избори во ноември, Трамп се соочува со зголемен политички ризик.
На прашање што им порачува на гласачите кои се жалат на високите цени на горивото, тој изјави дека тие ќе паднат „веднаш штом конфликтот ќе заврши“.
Но министерот за енергетика Крис Рајт призна дека Американците веќе го чувствуваат растот на цените и дека тоа ќе продолжи уште неколку недели.
Републиканскиот сенатор Ренд Пол предупреди дека ако цените на нафтата и бензинот останат високи, изборите би можеле да бидат „катастрофални“ за неговата партија.
Поделби и во движењето MAGA
Војната со Иран создаде поделби и во движењето „Make America Great Again“.
Некои поддржувачи ја поддржуваат воената акција, но други потсетуваат дека Трамп водеше кампања ветувајќи дека ќе ги заврши американските војни.
Меѓу критичарите се и влијателни десничарски личности како Такер Карлсон и Мегин Кели.
Во меѓувреме, демократите се надеваат дека незадоволството од економските последици на војната може да им донесе успех на изборите во ноември, сличен на „синиот бран“ од 2018 година.