Војната во Иран сериозно го разниша статусот на Дубаи како глобално засолниште за богатите. Градот кој со години важеше за магнет за светската елита поради безбедноста, сончевата клима и отсуството на даноци, сега се соочува со заминување на странци, додека семејните инвестициски канцеларии и управителите со богатство ја преиспитуваат својата присутност на Блискиот Исток.
Како што пишува CNBC, репутацијата на безбедност на која Дубаи ја изгради својата економија е сериозно нарушена за само една недела.
Во изминатите денови се случија неколку инциденти: хотелот со пет ѕвезди „Fairmont The Palm“ на познатиот вештачки архипелаг беше погоден во експлозија, делови од соборен ирански дрон предизвикаа пожар во хотелот „Burj Al Arab“, а аеродромот во Дубаи беше оштетен во ракетен напад. Во вторникот, мета на напад со дрон беше и американскиот конзулат, што предизвика пожар во негова близина.
Џим Крејн од Институтот Бејкер при Универзитетот „Рајс“ предупредува дека војната на САД и Израел против Иран ја поткопува клучната аура на сигурност во Дубаи.
Според него, економскиот модел на градот се потпира на странците – нивното знаење, работна сила и инвестиции. За да се привлечат тие луѓе, неопходни се стабилност и безбедност.
За разлика од соседните држави, Дубаи не се потпира на приходите од нафта, туку на довербата на странските инвеститори. „Градот не може да функционира ако сите со странски пасоши си заминат. Дубаи буквално би се изгасил“, предупредува Крејн.
Властите на Дубаи и Обединетите Арапски Емирати се обидуваат да ги смират инвеститорите. Националната управа за вонредни ситуации соопшти дека ситуацијата е „под контрола“, додека полицијата предупреди дека ќе апси инфлуенсери кои шират содржини што „можат да предизвикаат паника“.
Во последната деценија Дубаи стана еден од главните светски центри за богатите. Бројот на милионери се удвои на повеќе од 81.000, градот има 237 лица со богатство поголемо од 100 милиони долари и најмалку 20 милијардери. Само во 2025 година таму се преселиле околу 9.800 милионери, носејќи со себе богатство вредно 63 милијарди долари.
Но сега, според чартер-компаниите, побарувачката за приватни авиони драматично пораснала и значително ја надминува понудата. Некои компании тврдат дека бројни богати семејства и корпоративни клиенти бараат евакуација на илјадници вработени.
Безбедносни експерти предупредуваат дека ситуацијата потсетува на почетокот на војната во Украина, кога многу странци масовно ја напуштија земјата.
Еден од секторите што може најсилно да ја почувствува кризата е пазарот на недвижности. Цените во Дубаи растеа пет години по ред, но и пред конфликтот имаше знаци на забавување. UBS процени дека градот има петти најголем ризик од „балон“ на пазарот на недвижности во светот, додека Fitch предвидува пад на цените до 15 проценти во текот на 2026 година.
Аналитичарите предупредуваат дека понатамошното заминување на странци може дополнително да изврши притисок врз пазарот и економијата на Дубаи.