Војната на Блискиот Исток ги урна акциите на авиокомпаниите

Глобалните авиокомпании губат милијарди долари на берзите додека конфликтот го затвора воздушниот простор и ја зголемува цената на горивото

Ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток предизвика силен удар врз глобалната авиоиндустрија. Акциите на голем број авиокомпании бележат значителен пад, при што од берзите се избришани десетици милијарди долари пазарна вредност.

Аналитичарите предупредуваат дека ова претставува најсериозниот шок за авиосекторот од пандемијата на ковид-19, бидејќи воените операции и безбедносните ризици доведоа до затворање на делови од воздушниот простор над Блискиот Исток.

Европските компании во пад

Меѓу погодените компании е и германската Lufthansa, чии акции денес паднаа за 0,8 проценти.

Австралиската Qantas изгуби 2,7 проценти, а двете компании во текот на оваа недела изгубиле повеќе од 10 проценти од својата пазарна вредност.

Пад е забележан и кај групацијата IAG, сопственик на British Airways, чија вредност дополнително се намали за 1,5 проценти, по пад од над 11 проценти во претходните три дена.

Азиските превозници со уште поголеми загуби

На азиските берзи падот е уште поизразен. Акциите на Korean Air се намалија за 7,9 проценти, додека Japan Airlines изгуби 2,9 проценти.

И кинеските авиокомпании се соочуваат со негативен тренд. Акциите на Air China и China Southern Airlines паднаа меѓу еден и три проценти.

Поскaпи рути и можен раст на цените на билетите

Покрај геополитичките ризици, авиокомпаниите се соочуваат и со раст на цената на нафтата, што директно ги зголемува оперативните трошоци.

Дополнителен проблем е затворањето на воздушниот простор над делови од Блискиот Исток, што ги принудува компаниите да користат подолги и поскапи маршрути, особено на летовите меѓу Европа и Азија.

Аналитичарите предупредуваат дека доколку кризата продолжи, цените на авиобилетите би можеле да пораснат, бидејќи компаниите ќе се обидат да ги компензираат зголемените трошоци.

Персискиот Залив е едно од клучните глобални центри за патнички и карго сообраќај, па нарушувањата во регионот може да имаат пошироки последици и врз глобалните синџири на снабдување и меѓународната трговија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни