Грчки и француски воени сили се распоредени во близина на Кипар, додека британскиот разарач HMS Dragon се подготвува за испловување кон источниот Медитеран, јавува BBC.
Потегот доаѓа по неодамнешниот дронски напад врз британската воздухопловна база RAF Акротири, што дополнително ја зголеми загриженоста за безбедноста во регионот.
Грчката фрегата за противвоздушна одбрана HS Kimon патролира јужно од Кипар, во близина на британската база Акротири. На бродот му се придружува и HS Psara, опремена со системи за електронско војување наменети за пресретнување и неутрализирање на иранските дронови „Шахед“.
Двата воени брода утринава се приближиле до кипарското пристаниште Лимасол, во рамки на засилените безбедносни мерки во регионот.
Франција исто така ја засилува својата воена присутност. Францускиот носач на авиони „Шарл де Гол“ е пренасочен од планираната посета на Шведска и се движи кон Средоземното Море, соопшти францускиот претседател Емануел Макрон.
Покрај носачот на авиони, Франција распоредува и борбени авиони „Рафал“, системи за противвоздушна одбрана, како и авиони за радарско и воздушно надгледување.
Во меѓувреме, британскиот разарач HMS Dragon, од класата Type 45, се наоѓа во Портсмут, каде се подготвува за испловување кон Кипар.
Бродот моментално се снабдува со муниција во објектот Upper Harbour Ammunition Facility, пред да започне мисија за заштита на британскиот воен персонал во регионот.
HMS Dragon има екипаж од повеќе од 200 војници, а неговите ракетни системи можат да испалат околу осум ракети за десет секунди.
Откако ќе исплови, патувањето до Кипар би можело да трае до една недела.