Според најновата хидролошка информација на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, преку Управата за хидрометеоролошки работи – Сектор за хидрологија, и натаму се евидентираат високи водостоји на неколку поголеми реки низ државата.
Податоците од хидролошките станици укажуваат дека водостојот на реката Вардар останува висок во горниот дел од сливот, каде и понатаму се можни локални заезерувања, особено во Полошката Котлина. Иако до крајот на денот се очекува постепено стагнирање и намалување, нивото на водата ќе остане зголемено.
Слична состојба е забележана и кај реката Црна, каде постои ризик од локални заезерувања, со препорака внимателно да се следи состојбата, особено во долниот дел од сливот. Значително висок е и водостојот на реката Треска, кој и денес ќе се задржи на повисоко ниво, но со тенденција на постепено намалување кон крајот на денот.
Во Охридско-преспанскиот регион, како и во Струшкото Поле и Ресенскиот регион, сѐ уште има локални заезерувања, но надлежните очекуваат стабилизирање на состојбата и постепено повлекување на водата до крајот на денот.
Иако од пладневните часови се очекува престанок на врнежите, со можни слаби врнежи од снег во крајните западни делови кои ќе стивнуваат во вечерните часови, водостоите на Вардар во горниот тек, на Црна во долниот дел од сливот и на Треска ќе останат релативно високи во текот на денот.
Од надлежните институции апелираат на претпазливо движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот ден, сѐ до целосна стабилизација на хидролошката состојба.
