Изминатата ноќ во рускиот град Тољати одекнале пет експлозии. Главна цел на нападот била големата хемиска фабрика „КујбишевАзот“, потврдија руски Телеграм-канали.
Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат густ темносив чад што се издига над подрачјето на фабриката. Најверојатно по ударот избувнале неколку пожари, пренесува Kyiv Post.
Гувернерот на Самарската област, Вјачеслав Фјодоришчев, потврдил напад со дрон врз индустриски објект во Тољати, но не открил детали за штетата, освен дека нема жртви.
Станува збор за една од најголемите руски фабрики за азотни ѓубрива. Таа произведува амонијак, уреа, амониум нитрат, капролактам за најлон, како и други хемикалии што се користат во земјоделството, автомобилската и текстилната индустрија.
Ова е веќе втор напад врз истата фабрика во краток временски период.
Украинските медиуми јавуваат дека дронови нападнале и металуршка фабрика во окупираниот Алчевск, во Луганската област. Според руски Телеграм-канали, руската противвоздушна одбрана во Алчевск воопшто не се обидела да ги собори дроновите.
Во таа фабрика се произведува оклопен челик за воени возила и чаури за артилериски гранати.
Руското Министерство за одбрана тврди дека противвоздушната одбрана во текот на ноќта соборила 102 украински дрона над повеќе региони.