Граѓанската иницијатива „О.К. Млади“ во објава на социјалните мрежи повика на масовен протест кој ќе се одржи во петок со почеток во 12 часот пред бараките на Град Скопје, во Градскиот парк како знак на ревилт од смената на директорката на ЈП „Лајка“ Радмила Пешева.
Според најавата, протестите ќе продолжат и во наредните денови.
Повод за протестот е, како што наведуваат од Иницијативата „отфрлањето на концептот ‘Скопје што се грижи’“ и смената на луѓе кои, според нив, со години работеле на воспоставување систем за заштита и грижа.
„Ова не е само разрешување, туку удар врз принципите, јавниот интерес и врз сите нас“, се наведува во повикот.
Организаторите обвинуваат дека наместо професионалци се поставуваат „послушни кадри“ и порачуваат дека нема да молчат ниту да дозволат, како што велат, уништување на систем кој функционира.
Тие бараат итно повлекување на одлуката, враќање на претходниот концепт и институции кои ќе работат во интерес на граѓаните.
„Ова не е борба за една функција, туку за вредности – хуманост, правда и Скопје што се грижи“, порачуваат од „О.К. Млади“, повикувајќи ги граѓаните масовно да се приклучат на протестот.