Во Нигерија киднапирани 28 муслимани на пат кон годишен исламски настан

Наоружани напаѓачи киднапирале 28 лица, меѓу кои жени и деца, во централната нигериска сојузна држава Плато, откако бил нападнат автобус со патници кои патувале кон годишен исламски верски настан, јавува BBC.

Инцидентот се случил во неделата навечер, на пат помеѓу две села, кога вооружени лица го пресретнале автобусот и ги одвеле патниците во непознат правец. Портпаролот на полицијата, Алабо Алфред, потврди дека безбедносните служби се распоредени на терен и дека се преземаат активности за пронаоѓање и ослободување на киднапираните.

Киднапирањето се случува само еден ден откако нигериските власти соопштија дека се ослободени преостанатите 130 ученици и наставници од одделен случај на масовна киднапирање во католички интернат во сојузната држава Нигер, кој се случи минатиот месец.

Барања за откуп

Според новинари од државата Плато, семејствата на најновите жртви веќе почнале да добиваат барања за откуп. Полицијата засега не соопштува информации за можните сторители.

Киднапирањата за откуп, кои ги извршуваат криминални групи познати како „бандити“, се сè почеста појава во делови од северна и централна Нигерија. Иако плаќањето откуп е незаконско, властите признаваат дека во пракса голем број случаи се решаваат токму на овој начин, што дополнително ги финансира криминалните мрежи.

Нигериските власти нагласуваат дека овој инцидент не е поврзан со долгогодишниот исламистички бунт на североистокот од земјата, каде џихадистички групи повеќе од една деценија водат вооружена борба против државата.

Меѓународни реакции и безбедносни мерки

Безбедносната состојба во Нигерија повторно привлече меѓународно внимание во ноември, откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека размислува за испраќање американски трупи, тврдејќи дека христијаните се цел на напади.

Нигериската влада признава дека постојат сериозни безбедносни предизвици, но ги отфрла тврдењата дека христијаните се систематски мета. Министерот за информации Мохамед Идрис изјави дека неодамнешните тензии со САД околу ова прашање во голема мера се надминати и дека односите со Вашингтон се зајакнати.

Тој најави и распоредување обучени и опремени шумски чувари, кои ќе ги обезбедуваат шумите и оддалечените подрачја што криминалните групи ги користат како засолништа, како дополнување на операциите на нигериската армија.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни