Марјан Ников: Во недела сум на стадион, во сала или со спорт пред ТВ

Марјан Ников, репортер во утринската програма на ТВ Сител кој својата кариера, пред нешто помалку од 30 години, ја започнува како спортски новинар. Почетоците му се во весникот Вечер и тоа уште како средношколец, октомври 1988 година на крајот од Олимписките игри во Сеул. Потоа преминува во весникот Република до 1992 година, во неделникот Скок и од март 1993 година во ТВ новинарство – спортска редакција на МТВ каде што во 2008 е и уредник на редакција. Со богатото професионално искуство од октомври 2008 година станува дел од тимот на ТВ Сител. Известувал од Олимписки игри Атина 2004, Пекинг 2008, СП во ракомет 2009, 2013, 2015, 2017, 2019, ЕП во ракомет 2012, 2014, 2016,2018, 2020, ЕП во кошарка 2005, 2007, 2011, СП кошарка 1998, ЕП пливање 2002 година како и од Ф4 Келн 2017 Келн, кога Вардар стана ракометен европски шампион… Меѓу другото од 1992 година е активен во кошарката, најпрвин како судија, а сега и во улога на делегат – контролор. Досега има истрчано 17 полумаратони, околу 30 други трки, а во план му е и еден маратон…

Недела наутро:
Утринско кафе – прво, најчесто го пијам сам. Таков е ритуалот. Станување меѓу шест и седум часот и подготовка за тренинг (без кафе не се оди на трчање), по враќање за едно 1,5 до 2 часа следува второ кафе редовно со сопругата (Елена) , потоа појадок, ако нема други обврски сето тоа оди споро без брзање, но ако се имаат обврски „не знам како стигнувам“. Мамурлак од сабота навечер, не знам – фокусиран сум на неделните обврски иако знам да „заглавам“ ако имаме некоја прослава со друштвото (пријателите).

Неделен ручек:
Немам нешто посебно, вообичаено да е нешто печено (месо), салата, супа (ако не сум јадев вчера – децата знаат). Ручекот сабота и недела го подготвува сопругата, а во текот на работните денови знаеме јас и помалиот син Андреј, да помогнеме, поголемиот син Иван има работни обврски и е „ослободен“. Најчесто ручаме дома, можеби некогаш и надвор од домот, а додека децата беа помали одевме на ручек кај родителите моите и на сопругата.

Недела попладне:
Недела попладне – спорт, спорт, спорт. Ако не одам во сала или на стадион, дома најчесто на телевизија гледам спортски преноси. По ручек знам да отспијам, но ако има нешто каде треба да се оди (натпревар кошарка или слично) тоа отпаѓа.

Неделно опуштање:
Во периодот пролет – лето – почеток на есента и претпладне и попладне имам активности и во дворот, нешто малку зеленчук и слично,… вистински моменти за опуштање, релаксација, најчесто друштво ми прави сопругата. Ако сакате убав неделен ден – станете рано, не мора многу рано (ако не трчате), разговарајте со најблиските, прошетајте, ако е убаво времето излезете од дома. Во периодот додека децата беа помали и тренираа кошарка знаевме цело семејство да бидеме на натпревар „тоа беше приоритет“ не зависно кој од синовите играше, а сега и Иван доколку суди (барем јас одам да го гледам).

Недела навечер:
Недела навечер – филм може, но во зимскиот период со сопругата да гледаме или некоја серија, со децата гледаме фудбал (најчесто Премиер лига), а може и некој друг спорт, ако гледаш спорт мислам дека никогаш нема да ти биде досадно.

Недела во детството:
Недела како дете. Игрите на улица, а секако и моментот кога ФК Вардар играше натпревари во Првата лига на Југославија – најпрвин одев од Чаир до Тафталиџе кај братот на баба ми (Александар Пакетџиев) кој беше член на управата на Вардар и со него ги следев натпреварите на Вардар, а потоа кога станав поголем одев со другарите на западната трибина на Градски со знамиња на Вардар.

Дали ти е сеедно што утре е понеделник?
Ништо посебно – следува понеделник нова работна недела. Ова важи во последните пет години кога сум „делумно“ надвор од спортско новинарство и видов како е да се подготвуваш за понеделник за работа, додека си во спортска, понеделник е – ден за одмор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни