Недела наутро:
Мамурлук многу ретко, речиси ич. Спортот ми е задолжителен, возам велосипед во просек по 20 километри и тоа рано наутро во периодот од шест до седум часот кога сите спијат. Пред да возам велосипед пијам неколку голтки кафе. Остатокот го пијам откако ќе завршам со возењето и тоа во друштво на добра книга. Недела наутро подготвувам појадок за сите дома, а тоа е некоја пита, проја, а понекогаш и пржени лепчиња, па така сите се будат со мирисот на нешто тазе печено. Во недела наутро до 10 часот сум цело време активна.
Неделен ручек:
Неделниот ручек зависи од тоа како сум ја поминала работната недела. Ако била исцрпувачка и ми треба одмор тогаш ручекот го препуштам на некој кафеански готвач – мајстор па одиме семејно на ручек. Знаеме да тргнеме и до Гевгелија кај мојата Билјана во „Јавор Агапи“ Мрзенци или на риба во Дојран. Ако работната седмица била по релаксирана тогаш готвењето ми е задоволство па јас сум мајсторот – готвач во куќата и тоа се специјалитети прсти да излижеш… Најважниот дел е десертот, тука имам секогаш иновативен вегаско диетален рецепт на кој моите не можат да одолеат.
Недела попладне:
Недела попладне е време за малку дремка, малку книга, малку досредување по дома, малку подготовка за понеделник, малку филм, но и малку неразјаснети мистерии каде исчезнуваат чорапите после перење во машината, па секогаш фали по еден…Така зафатена нема место за депресија.
Неделно опуштање:
Убавиот неделен ден е најубав кога можеш сам да си го организираш без притисоци, без некакви однапред направени рокови и без присуство на зборот мора. Во недела ништо не се мора – колку се може толку.
Недела навечер:
Веќе сум заспала уште пред да почне вечерта. После 22 часот вклучувам последна машина за перење и се одјавувам.
Недела во детството:
Се сеќавам дека ништо не работеше во недела. Се беше успоренo, тивко и мрзеливо. Мајка ми уште рано наутро ќе не испратеше со татко ми кај баба ми на село за да може жената раат да си чисти и пее по дома. Значи неделата во детството ми беше ден за на село кај баба ми на зелник, но и за некои земјоделски активности како на пример копање или собирање сливи или сено. Бескрајни игри низ ливадите и калта, за навечер кога ќе се вратиме мајка ми да не пречека на врата со паролата: „Значи соблекувате надвор чевлите и валканите алишта и веднаш во када на бањање. Не ми влегувајте дома, цел ден сум чистела“. По капење се гледаше цртан филм во 19:30 часот и одев на спиење.
Дали ти е сеедно што утре е понеделник?
Не ми е сеедно што утре е понеделник, баш ми е забавно и мотивирачки за нови победи, нови почетоци и нови предизвици.