Во македонскиот Културно-информативен центар во Белград вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Простори на конјункција / Картографија на фрагментот: Наративи, граници, меморија“. Ќе бидат претставени дела од реномирани македонски автори. Изложбата ја организира КИЦ во соработка со Националната галерија на Македонија. Куратори се: д-р Ана Франговска, Горанчо Ѓорѓиевски, Маја Неделкоска-Брзанова и Маја Чанкуловска-Михајловска од Националната галерија. Изложбата ќе ја отвори Васко Шутаров, директор на македонскиот КИЦ.
Белградската публика ќе може да ги види делата од Роберт Јанкулоски, Кристина Пулејкова, Велимир Жерновски, Ѓорѓи Десподов, Моника Мотеска, Дарко Алексоски, Методи Ангелов-Мето, Шќипе Мехмети, Ирена Паскали, Михаела Јовановска, Славица Јанешлиева, Ѓорѓе Јовановиќ, Ацо Станкоски, Иванчо Талевски, Жанета Вангели, Верица Ковачевска, Марија Сотировска, Кристијан Јованоски, Мариго Исеини и Игор Сековски.
„Простори на конјункција“ ја утврдува уметноста како динамичен простор во кој интимните, лични фрагменти се преплетуваат со колективните мемории и културни матрици како театар на тензија и симбиоза. Изложбата ги истражува кревката граница меѓу малите приказни од интимниот свет на индивидуата и големите наративи – широка, сложена мрежа на големите историски и културни наративи – концепт што произлегува од Жан-Франсоа Лиотар и неговата критика на „метанаративите“, велат кураторите.
– Низ графика, цртеж, фотографија, видео, објект, колаж, уметниците не само што раскажуваат приказни туку градат мултимедијални платформи во кои секој медиум станува посебен канал за конјункција. Различните техники не функционираат само како формални избори, туку како активни стратегии за премостување на личното и колективното – велат тие.
Интригантно испитување на хомогеноста и нејзиното ограничување низ визуелен јазик кој го провоцира чувството на истоветност во локалната и во глобалната меморија. Роберт Јанкулоски и Кристина Пулејкова, на пример, преку фотографија и видео ги отвораат прашањата за вистинитоста и фикцијата (спекулативноста) во современата визуелна култура.