Двајцата уметници од Тетово ќе изложат околу дваесетина дела од нивниот најнов сликарски опус. На изложбата ќе можат да се видат сликите на Илирјан Беќири, изработени во техниката маслени бои на платно и сликите на Агрон Абдули, изработени во техниката акрилни бои на платно.
На отворањето на изложбата ќе присуствуваат двајцата ликовни уметници – педагози, кои ќе ја запознаат публиката со нивната уметност, творештво и дејност.
Илирјан Беќири дипломирал 1998 година на Универзитетот во Тетово, отсек сликарство, во класата на проф. Тахир Емра, каде завршил и постдипломски студии. Живее и работи во Тетово како професор на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот во Тетово. Реализирал повеќе самостојни изложби и бил учесник на многу групни изложби во земјава и странство (Тирана, Приштина, Париз, Берат, Призрен, Истанбул). Од 2007 година е член на и активен учесник на изложбите на ДЛУМ .Во 2008 година имал студиски престој во “Cite Internationale des arts” Во Париз. Од 2019 година е претседател на ЗЛУТ – Тетово.
Агрон Абдули дипломирал во 1999 година на Факултетот за ликовна уметност, сликарство, на Универзитетот во Тетово, во класата на познатиот педагог проф. Тахир Емра. Постдипломските студии, сликарство, ги заврши во 2002 година кај истиот професор во Факултетот за Уметност во Приштина. Работи како професор на Факултетот на Уметности, Ликовна Уметност, на Универзитетот во Тетово. Реализирал повеќе самостојни и учествувал на голем број колективни изложби и ликовни колонии во земјава и во странство. Активен член е на Здружението на ликовни уметници на Тетово и Друштвото на ликовни уметници на Македонија.