Сепак, летувањето во омилената дестинација на многу Македонци оваа година доаѓа со поголеми трошоци. Цените на аранжманите се зголемени и до 25 отсто, а истиот тренд го следи и изнајмувањето лежалки и чадори – мал луксуз кој се поскапува.
Во Ситонија, особено во Никити, кој важи за едно од најбараните места меѓу туристите, изнајмувањето сет лежалки и чадори сега се движи од 10 до дури 50 евра, во зависност од локацијата и положбата. Повеќето локали од 1 јуни ја воведуваат обврската за консумирање храна и пијалоци како услов за користење на гарнитурата за плажа, додека во претсезоната генерално лежалките може да се користат со нарачани два пијалоци.

Во познатите места како Versus bar цената за комплет со потрошувачка достигнува 50 евра, додека во Авра бар првиот ред се наплаќа 45 евра, а другите редови 35. Најевтиниот комплет моментално е во кафулето Папарун каде може да се користат лежалки со потрошувачка од 10 евра.
Слични цени се бележат и на други места. Во Пефкохори на плажата Амос комплет (две лежалки и чадор) чини 20 евра со потрошувачка. Во Полихрон цените се движат од 20 до дури 60 евра, во зависност од редот во кој се наоѓа комплетот – колку сте поблиску до морето, толку е поголема цената.
Поради овие цени, многу туристи на социјалните мрежи коментираат дека повеќе им вреди да платат поскапо сместување со приватна плажа отколку да трошат десетици евра секој ден за лежалки.

Други го прават тоа на свој начин – пристигнуваат рано, носат крпи, ладна вода и грицки за да избегнат гужви и високи трошоци.