Во Европската куќа Крива Паланка отворена изложбата „Од линија до душа“

Денес е 20 ноември, Светскиот ден на детето. Тоа ми беше посебна инспирација, па нацртав и неколку дела посветени токму на детската искреност и чистина, рече младата уметница, Михаела Стојановска

Во организација на Локалниот младински совет на Општина Крива Паланка денес во Европската куќа Крива Паланка беше отворена првата самостојна изложба на младата Михаела Стојановска, насловена „Од линија до душа“.

„Се радувам што мојата иницијатива како член на Советот на млади наиде на поддршка од Европската куќа, како место на новите генерации. Настанот привлече голем број посетители, а просторијата беше исполнета до последно место од пријатели, роднини, професори и раководството на СОУ „Ѓорче Петров“, меѓу кои присуствуваше и директорката на училиштето во кое авторката е матурантка“, изјави Никола Митовски, член на младинскиот совет на Општина Крива Паланка.

Во своето обраќање, Стојановска се осврна на значењето на денот.

„Денес е 20 ноември, Светскиот ден на детето. Тоа ми беше посебна инспирација, па нацртав и неколку дела посветени токму на детската искреност и чистина. Верувам дека уметноста најубаво зборува кога ја допира таа детска гледна точка“, истакна Стојановска, заблагодарувајќи се за поддршката.

Иницијаторот Митовски додаде дека „Од линија до душа“ е проект што растел со идеја, работа и посветеност. 

„Оваа изложба не е само визуелна приказна. Таа е патување низ тишините, контурите и миговите што авторката ги претвора во емоција. Линиите стануваат мисли, а мислите – допир до нешто подлабоко“, рече Митовски.

Изложбата претставува значаен чекор во творечкиот развој на младата уметница, која продолжува да создава со силна верба дека уметноста зборува таму каде што зборовите замолкнуваат.

Како симболичен гест на благодарност, на самиот крај авторката им подари на вработените во Европска куќа рачно изработен цртеж инспириран од темата за детската слога и заедништво. Со овој мал уметнички печат, Стојановска остави трага во просториите на Европска куќа, потсетувајќи дека уметноста има моќ да ги зближува луѓето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни