„Мои сограѓани, Исламската Република стигна до својот крај и е во процес на колапс“, порача вчера преку социјалните мрежи Реза Пахлави, синот на последниот ирански шах Мохамед Реза Пахлави, повикувајќи го иранскиот народ на востание.
„Она што започна е неповратно. Иднината е светла и заедно ќе ја свртиме новата страница на историјата“, нагласи тој.
Пахлави во видео на социјалната мрежа Икс изјави дека „е потребно севкупно востание за да се стави крај еднаш засекогаш на оваа колективна ноќна мора“, пренесуваат агенциите.
„Сега е време да се станеме, време е заедно да го вратиме Иран. Не грижете се за денот по падот на Исламската Република. Иран нема да влезе во период на нестабилност или граѓанска војна“, порача Пахлави во средината на конфликтот меѓу Иран и Израел, кој денеска влезе во шестиот ден.
Кој е Реза Пахлави?
Реза Пахлави е најстариот син на симнатиот лидер на Иран, Мохамед Реза Пахлави. Живее во егзил од 1979 година. Застапува принципи на слобода, демократија и човекови права за своите сограѓани.
Основач е и лидер на Националниот совет на Иран, опозициска група во егзил, и е истакнат критичар на владата на Исламската Република Иран, според Википедија.
На неговата веб-страница стои дека повикува на воспоставување на секуларна демократија во Иран и ја критикува репресијата врз иранскиот народ.
Упатил повик за промена на режимот преку ненасилна граѓанска непослушност и за одржување слободен и отворен референдум за нова влада во Иран.
Роден е во Техеран во 1960 година. На Википедија пишува дека шахот (персиски назив за крал), по неговото раѓање, помилувал 98 политички затвореници, а владата прогласила намалување на данокот на приход за 20 проценти.
Официјално бил прогласен за престолонаследник на Иран во 1967 година, за време на крунисувањето на неговиот татко. Иран го напуштил на само 17 години за да помине обука за летање на млазни борбени авиони во Военото воздухопловство на САД, во базата Рис во Лабак, Тексас.
Во меѓувреме, воспоставувањето на клерикалниот режим во Иран го спречило неговото враќање во татковината, па во 1980 година со семејството заминал во Египет.
Во првите години во егзилот, го продолжил и завршил високото образование со диплома по политички науки на Универзитетот на Јужна Калифорнија.
Во младоста бил страстен љубител на фудбалот. Освен персиски, течно зборува француски и англиски.
За време на Ирано-ирачката војна, доброволно се пријавил да служи во иранската војска како борбен пилот, но бил одбиен од клерикалниот режим, стои на неговата веб-страница.
Кога еднаш бил запрашан за својата вероисповед, според Википедија, одговорил: „Тоа е приватна работа, но ако навистина сакате да знаете – јас сум, секако, според образование и убедување, шиитски муслиман. Јас сум човек со длабока вера.“
Со Јасмин Етемад-Амини, со која се венчал во 1986 година, има три ќерки. Бидејќи верува во еднакви права за мажите и жените, изјавил дека неговите наследнички се Нур, Иман и Фара – по ред.
Неговата сопруга дипломирала политички науки на Универзитетот Џорџ Вашингтон во Вашингтон, а потоа докторирала право на истоимениот правен факултет.
Во 1991 година, била една од основачите на Фондацијата за деца на Иран, која ја водела како директорка 23 години.
Таа е застапник на демократското движење во Иран, и често се појавувала на продемократски собири, настани и панели во многу градови низ годините.