Во Дубаи отворен прв ресторан што го води „готвач со вештачка интелигенција“

Во гламурозниот Дубаи е отворен првиот ресторан во светот што тврди дека е управуван од „готвач со вештачка интелигенција“, предизвикувајќи истовремено љубопитност и скепса околу тоа дали технологијата може да ја достигне човечката креативност во гастрономијата.

Новиот ресторан „Вуху“ (Woohoo), лоциран под блескавите облакодери во центарот на градот, веднаш ги пречекува гостите со атмосфера што наликува на научна фантастика. На самиот влез стои холографскиот лик на „готвачот со вештачка интелигенција“ по име Ајман, аватар со сини коси и технолошки очила, чиј изглед го најавува футуристичкиот амбиент во ресторанската сала исполнета со холограми и проекции.

Целиот процес во ресторанот го контролира специјализирана вештачка интелигенција преку голема цилиндрична машина поставена во центарот на просторот, која управата ја претставува како суперкомпјутер. „Шеф Ајман“ е модел развиен од компанија од Обединетите Арапски Емирати. Тој не готви физички, туку креира рецепти, обучен врз илјадници јадења и долгогодишни истражувања во кулинарството и молекуларната гастрономија. Според коосновачот Ахмет Ојтун Чакр од Турција, вештачката интелигенција еден ден би можела да создава и подобри јадења од луѓето.

Менито е базирано на меѓународна фузиска кујна, но „вештачкиот готвач“ се издвојува со уникатни рецепти, меѓу кои и „тартар од диносаурус“, јадење инспирирано од анализа на ДНК со која наводно се реконструира вкусот на одамна изумрената животна врста. Ова необично предјадење со таен рецепт се служи за 215 дирхами (околу 50 евра) на чинија која визуелно пулсира, оставајќи впечаток дека „дише“. Гостите велат дека вкусот е изненадувачки и исклучително пријатен.

Иако концептот е технолошки напреден, во кујната сè уште работат вистински готвачи кои ги подготвуваат јадењата и по потреба ги прилагодуваат рецептите што ги креира Ајман. Главниот готвач Серхат Каранфил објаснува дека човекот и вештачката интелигенција соработуваат: „Ако некое јадење е премногу луто, разговарам со Ајман и на крај ја наоѓаме вистинската рамнотежа.“

Сепак, не сите во кулинарскиот свет се убедени во ваквата револуција. Сирискиот готвач Мохамад Орфали, чииот ресторан „Orfali Bros“ во Дубаи минатата година доби Мишелин ѕвезда, категорично вели дека „готвач со вештачка интелигенција“ не постои. Тој истакнува дека готвењето бара „нафас“, личната духовна енергија, емоциите и сеќавањата што човечкиот готвач ги внесува во чинијата – нешто што машината не може да го реплицира. Иако и самиот ја користи вештачката интелигенција, тоа е само за истражување или административни задачи, а не за создавање јадења.

Но ваквиот футуристички концепт совршено се вклопува во динамичниот и технолошки ориентиран Дубаи, каде публиката со восхит прифаќа авангардни идеи. Ресторанот брзо стана хит на социјалните мрежи, каде што посебен Инстаграм-профил на „готвачот со вештачка интелигенција“ објавува совети и рецепти преку неговиот дигитален аватар.

Според коосновачот Чакр, ова е само почеток: целта е Ајман да стане „следниот Гордон Ремзи“ во светот на вештачката гастрономија – амбиција што веќе силно го привлекува вниманието на јавноста.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни