Сириски државјани со шведски пасош, кој се барал со европска потерница, бил уапсен во Атина за нелегално пренесување мигранти од турското крајбрежје до острови во источниот дел на Егејското море, а според весникот „Катимерини“, уапсениот користел луксузни јахти и наплаќал од осум до десет илјади евра по лице.
Од крајбрежната служба на Грција соопштија дека освен што организирал нелегален транспорт на мигранти до Грција, уапсениот го организирал и нивниот транспорт до земјите од Европската Унија, а имал водечка улога во мрежата за криумчарење.
Откако бил изведен пред јавен обвинител му била одредена мерка притвор.
Случајот бил расчистен по заедничка истрага на крајбрежната служба и Националната разузнавачка служба на Грција (ЕИП).
„Катимерини“ пишува дека уапсениот бил следен од ЕИП уште од 2020 година, а мрежата работела со луксузни јахти за пренесување на мигрантите од Турција кон островите Миконос и Санторини за да не предизвика сомнежи.
Од истите причини, мигрантите биле криени во кабините, а на палубата на јахтите имало жени од земјите од поранешниот источен блок за да изгледа дека на јахтите се одржувале забави.